Усик по големата победа желен за својот дом: Многу пропуштив во последните 9 месеци

По одличниот меч и фантастичната победа над Тајсон Фјури, украинскиот тешкаш Александар Усик изјави дека реваншот е последното нешто што му паѓа на ум во моментов.

Во историски меч на боксерскиот спектакл во Ријад, поранешниот олимписки шампион со поделена одлука го победи Џипси Кинг и ги обедини светските шампионски појаси на ВБА, ВБО, ИБФ и ВБЦ.

Во првата борба за апсолутна титула во тешка категорија во ерата со четири појаси Усик го победи Фјури и му го нанесе првиот пораз во кариерата. Двајца судии му донесоа предност на Украинецот 115-112 и 114-113, додека третиот беше за Британцот 114-113.

Фјури доминираше во првиот дел од натпреварот, но како одминуваа рундите, Усик стана подобар борец. Во деветата рунда звукот на гонгот го спаси Џипси Кинг откако Украинецот со одлична серија го собори.

Така, Александар Усик се приклучи на друштвото на великаните Мухамед Али, Џо Луис и Мајк Тајсон како апсолутен шампион во тешка категорија, прв откако боксерскиот свет ги призна четирите главни појаси. Последниот неприкосновен шампион (сè уште во ерата со три појаси) беше Ленокс Луис во 1999 година.

По обединувањето на појасите во полутешка категорија, тоа го направи и Усик во тешка категорија и слободно можеме да го наречеме најдобар борец на својата генерација и така ќе биде барем до октомври кога е најавен реваншот.

Усик почна да тренира за овој натпревар минатата година во септември, а борбата двапати беше одложувана. На прашањето дали е заинтересиран за реванш со Фјури, Украинецот изјави дека единствено нешто за што размислува е да се врати кај семејството.

„Во последните девет месеци ја пропуштив новогодишната прослава, родендените на моите синови и ќерки, ги пропуштив сите семејни празници. Цело време тренирав и единственото нешто на што бев фокусиран беше оваа борба“, рече Александар Усик и продолжи:

„Среќен сум и сакам да се вратам дома. Ќе отидам во мојата црква, ќе се помолам и ќе му кажам благодарам на Исус, бидејќи за мене и за мојата земја ова е голем момент. Благодарен сум на сите што се молеа за мене, а ги имаше многу“.

Во еден момент, Усик заплака, го крена погледот и се сети на својот починат татко.

„Тато, виде ли? Успеавме! Слава на Украина! Благодарение на мојот тим. Ова беше одлична можност за мене, моето семејство и мојата земја. Ова е голем ден“, изјави апсолутниот шампион во тешка категорија, додавајќи дека ќе биде подготвен за реваншот во октомври.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON