Усик: Фјури го потцени Нгану, против мене ќе биде поинаку

Светскиот боксерски првак Александар Усик, сопственик на титулите на ВБО, ИБФ, ИБО и ВБА, очекува Тајсон Фјури да биде подобар отколку што беше на мечот против Френсис Нгану.

Усик и Фјури треба да боксираат следната година, во февруари или март, во Саудиска Арабија во дуел за апсолутен шампион во тешка категорија.

А Џипси Кинг на крајот на октомври со поделена одлука го победи поранешниот шампион на УФЦ, кому тоа му беше прв боксерски меч во кариерата.

По десет тешки рунди, Фјури реши да ја одложи борбата против Усик. Првично требаше да се борат на 23 декември, но нивната борба беше одложена за почетокот на следната година.

Украинскиот борец верува дека Фјури ќе биде многу подобар во претстојната борба, во борбата за апсолутен шампион на светот.

„Мислам дека Тајсон Фјури го потцени Френсис Нгану“, рече Александар Усик, а потоа продолжи:

„Со мене ќе биде поинаку. Добро ќе ја анализира последната борба и ќе извлече поука. Но, повторно, апсолутно не ми е грижа како постапува. Ме интересира само како ќе се подготвам“.

Светскиот шампион го пофали настапот на Френсис против Џипси Кинг.

„Нгану добро се подготви и покажа добро ниво на знаење во рингот. Многу малку луѓе веруваа во Нгану. И кога ме прашаа за него, реков дека не му одговара на Фјури“, призна Александар Усик.

Поранешниот апсолутен шампион во полутешка категорија пред неколку години се пресели во тешка категорија, а во 2021 година го победи Ентони Џошуа и му ги одзеде титулите.

Украинецот не е загрижен што Фјури има незгоден боксерски стил, а има значителна предност по големината и досегот на рацете.

„Тој е голем, комплициран, силен. Но, јас сум малку помал и неверојатно мотивиран. Гладен сум за бокс. За мене парите не се мотивација“, рече Александар Усик и подвлече:

„Не ми е гајле за материјалните работи. Се грижам за патот по кој сум тргнат. За ова тренирав 20 години. И мислам дека ќе слушнеме победничко ѕвоно од моја страна во февруари“.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON