Усик добро се подготви: Тајсон Фјури ужива пред камерите, а кога ги нема, тој е Лук Фјури

Aлександар Усик истакнува дека се подготвил за сите глупости кои Тајсон Фјури сака да ги кажува пред мечот и кога се обидува да му влезе под кожа на противникот.

„Џипси Кинг“ многу добро знаеше што прави пред секој меч во трилогијата против Дионтеј Вајлдер и секој пат успеваше да го вознемири Бронзениот бомбардер.

Во еден момент Вајлдер не знаеше што да мисли и во што да верува. Истото го направи и пред мечот против Владимир Кличко кога се бореа за шампионските титули во тешка категорија на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО, ИБО и Ринг.

Многумина се прашуваат дали умствените игри на Фјури ќе влијаат на Усик?

Имено, многу блиску е реализацијата на мечот за апсолутниот шампион во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик.

Нивниот меч за обединување на титулата во тешка категорија треба да се одржи во март.

И тие двајца досега имаа неколку средби лице в лице, а Усик ниту еднаш не трепна.

Така беше и неодамна по мечот во Лондон кога Фјури по победата против Чисора го прозва Украинецот кој му пријде.

И додека Фјури даваше се од себе за да го заплаши, навреди и изнервира, шампионот на ВБЦ го пречека мирниот поглед на Усик со насмевка. Усик не изгледаше исплашен.

Фјури е многу активен на социјалните мрежи, а неодамна повторно го спомна Усик.

„Сакам да се борам со Александар Усик, човекот кој има криптонит на Ентони Џошуа и кој го расплака по борбата. Ќе го победам, нема криптонит за мене. Ќе го натерам да танцува“, напиша Тајсон Фјури во објавата.

Во едно неодамнешно интервју, Усик се осврна на умствените игри на Фјури пред неговите борби.

„Бев подготвен за сите негови изјави и глупости што сака да ги кажува. Поставив ѕид меѓу нас и никогаш не го земам при срце… Кога камерите се исклучени тој е друга личност. Кога камерите се вклучени, тој е Тајсон Фјури, а кога тие се исклучени, тој е Лук Фјури“, вели Александар Усик.

Значи, ако Фјури не може психички да стигне до Усик, дали тоа ќе влијае на него и на неговите шанси да ја добие таа борба?

Некои боксери се потпираа многу на игрите на умот во текот на нивните кариери, потребна им беше таа психолошка острина за да победат. Дали Тајсон Фјури е таков тешкаш?

И кој знае како ќе реагира шампионот на ВБЦ доколку Усик продолжи да го нарекува Лук.

Имено, целосното име на Џипси Кинг е Тајсон Лук Фјури.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО