Во 2022 година Александар Усик заврши на првото место во рангирањето на боксерата „паунд фор паунд“.
Украинскиот тешкаш е на врвот на ранг-листата на магазинот „Ринг“, листа која содржи многу малку изненадувања.
Усик оваа година се бореше само еднаш, во август во реваншот против Ентони Џошуа. На тој меч Украинецот го одбрани шампионските појаси на ИБФ, ВБО и ВБА, а следната година би можел да го добие најголемиот меч во кариерата.
Имено, сите очекуваат дека Усик би можел да се бори против ВБЦ шампионот Тајсон Фјури во дуел за апсолутен светски шампион во тешка категорија.
Непоразениот шампион има 20 победи во кариерата и тешко ќе биде симнат од тронот.
Угледниот боксерски магазин на второто место го рангираше апсолутниот шампион во бантам категорија, Јапонецот Наоја Инуе.
Можеби не е толку големо име како некои од другите борци во Топ 10, но секако е меѓу најдобрите во светот.
Јапонскиот борец ги победи Нонито Донер и Пол Батлер оваа година, подобрувајќи го својот рекорд на 24-0.
Американецот Теренс Крафорд помина неверојатни 398 недели на листата на „паунд фор паунд“ и ги заокружува Топ трите најдобри боксери.
Пред десетина дена во единствениот меч годинава во шестата рунда со нокаут го совлада Русинот Давид Аванесјан.
На четвртото место е Ерол Спенс Јуниор, кој во април го совлада Кубанецот Јорденис Угас со прекин и одржа совршен рекорд (28-0).
Мексиканската суперѕвезда Канело Алварез е петти, а неговиот пад на ранг-листата е резултат на поразот во мај од Дмитри Бивол. Канело во трилогијата во септември го победи Генади Головкин.
Останатите пет се Дмитри Бивол, Васили Ломаченко, Џош Тејлор, Џермел Шарло и Хуан Франциско Естрада.
„Ринг“ не најде место во Топ 10 за шампионот на ВБЦ во тешка категорија, Тајсон Фјури.
Британецот годинава имаше два меча во кои со прекини ги победи Дилиен Вајт и Дерек Чисора, достигнувајќи рекорд од 33-0-1.