Промоторот на Усик, Александар Красјук, вели дека светскиот шампион би можел да се бори на највисоко ниво уште најмалку три години.
Александар Усик моментално се подготвува за пресметка против Тајсон Фјури, а нивниот меч за титулата во тешка категорија треба да се одржи на 17 февруари во Саудиска Арабија.
И пред минатогодишниот реванш против Ентони Џошуа, Украинецот тренираше во Дубаи, а негов спаринг партнер беше Мартин Баколе.
Конгоанецот тврди дека на подготовките со удар по телото го соборил Усик, но промоторот на шампионот Красјук тоа го демантираше и изјави дека се случило токму спротивното.
Тренерот на Баколе, Били Нелсон, најавува дека Мартин би можел да стане светски шампион веќе следната година доколку добие шанса да се бори за титулата.
„2024 година може да биде успешна за Мартин доколку му се укаже можност да се бори за титулата светски првак. Знае да го победи Усик, изјави Били Нелсон и откри што му рекол промоторот на Усик:
„Усик е голем борец и тоа на сите им е јасно. Но, кога заврши настапот во Ријад, кај нас дојде Алекс Красјук и рече дека Баколе ќе биде следниот светски шампион. Тие знаат колку е добар. Сè уште не сте го виделе најдоброто од Мартин Баколе. Кога е фит, тој е одличен“.
Конгоанецот на крајот на октомври на настан во Саудиска Арабија го победи Карлос Такам со прекин во четвртата рунда.
Враќањето на Баколе во рингот би можело да се случи во настанот предводен од мечот за обединување на светската титула во тешка категорија меѓу Усик и Фјури.