Александар „Велики“ Волкановски е принуден да бара нов пат по поразите од Илија „Ел Матадор“ Топурија (15-0) и Ислам Махачев (25-1). Шпанецот со брутален нокаут му ја одзеде титулата во перо категорија (-66 кг) на Австралиецот со македонско потекло во февруари оваа година, а поразениот шампион веднаш изјави дека е подготвен да ја добие својата шанса за реванш и на домашен терен на новиот шампион – Шпанија.
УФЦ неодамна објави дека претстојниот УФЦ 305 ППГ настан ќе се одржи во Перт, Австралија. Сосема е реално да се очекува дека „Големиот“ ќе добие шанса да се бори во својата татковина.
По тој повод Ден Иге (18-7) на својот Х профил испрати порака дека е подготвен да му обезбеди „загревање“ на Волкановски пред настанот кој треба да се одржи на 17 август годинава. Американецот моментално е рангиран како 12-ти борец во перо категорија, додека Волкановски и покрај поразот се уште е на првото место.
Hey @alexvolkanovski if you need a tune-up fight for Perth, I’d be happy to take the challenge 😅🫡
— Dan Ige (@Dynamitedan808) April 1, 2024
И претходно, кога Волкановски суверено владееше со споменатата категорија, Иге бараше шанса против него, но со три последователни порази од Чан Сунг Јунг, Џош Емет и Мовсар Евлоев беше на „милји“ од таа можност. Работите во моментов се поинакви, особено ако се земе предвид неговата последна победа кога во февруари годинава го нокаутира Андре Фили.