Таткото на Флојд Мејведер: Син ми требаше да има пораз во кариерата

Таткото на Флојд Мејведер Јуниор и поранешен тренер, Флојд Мејведер Сениор, изненадувачки призна дека верува оти неговиот син требало да претрпи барем еден пораз за време на легендарната кариера.
„Мани“ Мејведер често се смета за еден од најголемите боксери во историјата. Американецот ја заврши професионалната кариера со совршен скор од 50 победи без ниту еден пораз, станувајќи светски шампион во пет различни тежински категории за 19 години во професионалниот ринг.
Мејведер победил голем број спортски легенди за време на својата кариера, вклучувајќи ги Канело Алварез, Оскар де ла Хоја, Хуан Мануел Маркез и Мани Пакијао.
И покрај импресивното наследство, Флојд Сениор верува дека неговиот син имал среќа да биде прогласен за победник во борбата во 2007 година против Оскар де ла Хоја.
Во интервју со Лари Мерчант од ХБО, тој рече дека ако борбата се оценуваше само според бројот на упатени удари, победата требаше да му припадне на „Голден бој/ Златното момче“.
„Ќе бидам искрен со вас. Ако сакате да ги оценувате борбите според поените и според системот за бодување, мора да му дадете признание на Оскар. Ако само погледнете кој напаѓа поединечни удари и кој е попрецизен, тогаш мора да му дадете признание на мојот син.
Флојд имаше одлична одбрана, блокираше многу удари со рамото и рацете, но на крајот на денот, важно е и кој ги задава ударите. Ако ве допре, тој ги добива поените.
Мислев дека беше многу тесна борба. Сè зависи од тоа како ја оценувате борбата. Ако погледнете кој удирал почесто, мора да му дадете признание на Оскар“, рече Мејведер Сениор.
Борбата меѓу Флојд Мејведер и Оскар де ла Хоја се одржа во мај 2007 година и заврши со контроверзна поделена одлука во корист на Мејведер. Со победата, тој ја одзеде титулата на ВБЦ во полусредна категорија од „Златното момче“, кое го претрпе третиот пораз во професионалната кариера.



