Таткото на Фјури го поддржа синот, но истакнува: Тренинг кампот на Тајсон е во целосен хаос – тоа е циркус

Тајсон Фјури и Aлександaр Усик ќе се борат на 17 февруари следната година за титулата апсолутен шампион во тешка категорија.

И двајцата ги започнаа подготовките за најголемиот меч во кариерата, но Украинецот почна малку порано.

Имено, Kралот на Ромите минатата недела бил на одмор со семејството на брегот на Црвеното Море.

Усик го имаше својот последен меч во август кога го победи Даниел Дубоа со нокаут во деветтата рунда, додека Фјури на крајот на октомври со поделена одлука го победи поранешниот шампион на УФЦ Френсис Нгану.

Многумина беа изненадени од скромниот настап на Фјури, кој дури во третата рунда заврши со нокдаун, но се врати и собра доволно поени од судиите за конечна победа.

Британецот не го сфати сериозно Нгану, не ги одработи како што треба подготовките, за што неговиот татко Џон Фјури многу зборуваше последните недели, а тоа го повтори и во едно неодамнешно интервју.

„Никогаш не реков дека мојот син е во пад затоа што не е. Но, луѓето со кои е опкружен не се дораснати на барањата што му се потребни“, рече Џон Фјури и продолжи:

„Неговите тренинзи се во пад, а подготвителниот камп е во целосен хаос. Тоа не е камп – тоа е циркус. Александар Усик има дисциплинирани, професионални и одлични луѓе околу себе, Тајсон го нема тоа. Се плашам дека може да тргне наопаку ако Тајсон не направи нешто наскоро“.

Таткото на Фјури се плаши дека Тајсон може да загуби во најважниот меч во кариерата, бидејќи борбата против Нгану покажа дека Кралот на Ромите е во физички пад.

„Тајсон работи со погрешни луѓе кои само го тапкаат по рамо, тоа не е во ред. Повторувам, тој не е во пад. Има уште многу години да и посвети на кариерата, но мора да го направи она што е правилно, да се прилагоди на потребите и да се жртвува пред следната борба“, подвлече Џон Фјури.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON