Легендарниот американски боксер Mајк Тајсон во разговор со Шенон Шарп во подкаст за Club Shay Shay зборуваше за неговото тешко детство и ја спомена смртта на мајка му Лорна, како пресврт во кариерата, пишува Fox Sport.
Познато е дека Тајсон имал многу тешко детство, а одговорите на прашањата поврзани со неговата мајка ги шокира фановите. Тој вели дека можеби нема да станал тоа што е ако искусил нормално детство.
„Знаете, една од најдобрите работи што ми се случија е смртта на мајка ми. Во спротивно, би бил како бебе, никогаш не ми учествувал во улична тепачка, не би научил да се борам за себе. Таа има направено многу, секогаш доаѓаше да ме вади надвор од полициските станици. Ме тепаше пред полицијата. Ме сакаше, но беше и агресивна. Никогаш не си го среди својот живот, никогаш не работеше. Не се плашеше да ме тепа, да ме удира со што било. Пиеше многу алкохол, имаше момчиња. Се случуваше и нејзиното момче да дојде пијано, па јас му ги сечев џебовите и му ги крадев парите“, раскажа Тајсон.
Тајсон се издигна од уличен тепач во Њујорк до најмладиот шампион во тешка категорија на возраст од 20 години. Човекот, кој има победено со 44 нокаути во 58 професионални борби, вели дека смртта на мајка му го овозможила сето тоа.
Мајка му починала кога тој имал 16 години, оставајќи го под грижа на бокс тренер кој станал негов легален старател. Тајсон вели дека Кас Д’Амато е заслужен за тоа што станал шампион.