Поранешниот светски шампион во тешка категорија Тајсон Фјури сè уште не сака да се пензионира по двата последователни порази од Александар Усик.
Непоразениот Украинец најпрвин во мај во дуелот за апсолутниот шампион го совлада Џипси Кинг, а потоа и во реваншот пред десетина дена.
Усик беше уште поубедлив на поени во реваншот, а Британецот и неговиот тим се уште тешко го прифаќаат поразот.
Секако, веднаш почнаа гласините дека 36-годишниот Фјури треба да се пензионира, бидејќи сега има уште помали шанси да стане апсолутен шампион на кралската дивизија.
Но, тој се уште не размислува за пензија, без разлика што изјави по вториот пораз во кариерата:
„Што е следно за мене? Одам дома и се одморам“.
А на прашањето дали фановите повторно ќе го видат во рингот, тој одговори:
„Можеби ќе, можеби не. Кој знае? За тоа ќе зборуваме следната година“.
Ваквиот коментар ги натера фановите да шпекулираат дека Кралот на Ромите може да се откаже од својата кариера, но некои медиуми објавија изјава од пријатели кои ги пренесоа зборовите на Тајсон:
„Не е готово“!
Фјури ги вознемируваше приврзаниците со најавите дека ја завршува кариерата, а тоа го направи за прв пат во 2013 година кога пропадна борбата против Дејвид Хеј.
Здраво на сите, официјално се повлеков од боксот. Во спортот има премногу корумпирани. Ќе мора да се шегуваат со некој друг. Збогум на боксот“, напиша тогаш Фјури на Твитер.
Но, три месеци подоцна се бореше со Џои Абел. Тој продолжи да победува, а во седмата година од професионалната кариера, по триумфот над Владимир Кличко во 2015 година, западна во криза.
Се бореше со проблеми како депресија, алкохол, дрога и прекумерна тежина, па во еден момент достигна 180 килограми. Здравјето на Фјури стана приоритет за луѓето, а не неговата кариера.
Се врати во рингот и стана шампион на ВБЦ во тешка категорија со победата против Дионтеј Вајлдер во февруари 2020 година.
Откако го победи Дилиен Вајт во 2022 година, тој повторно објави дека се пензионира. Спомна дека и ветил на сопругата Париз дека ќе се пензионира откако ќе го претепа Вајт.
„Јас сум двократниот неприкосновен светски шампион. Имам 150 милиони фунти во банка и немам што да докажам никому“, изјави тогаш Тајсон Фјури.
И повторно не беше искрен, бидејќи осум месеци подоцна се врати во рингот и се бореше со Дерек Чисора.
По тој меч имаше уште три пресметки. Прво со поделена одлука го победи Френсис Нгану, а потоа двапати загуби од Александар Усик.