Светскиот шампион во бокс Тајсон Фјури го победи Дионтеј Вајлдер на почетокот на октомври и ја одбрани титулата во ВБЦ. Тоа беше нивни трет дуел и втора победа на Џипси кинг против Бронзениот бомбардер.
Неодамна Фјури откри непознат детал од првата борба, која се одржа на 1 декември 2018 година, а која заврши нерешено.
Имено, Британецот испил две кригли пиво во пресрет на првата пресметка против Дионтеј Вајлдер.
„Стара школа е. Пред првиот меч против Вајлдер се симнав во шанкот и испив две кригли пиво, токму тоа што ми требаше. Не ме повреди, нели?“, изјави Тајсон Фјури, додавајќи дека и неговиот брат Томи треба да го стори истото пред борбата против јутјуберот Џејк Пол:
„Ве учи да се опуштите и да уживате во борбата. За тоа се работи“.
Многумина сметаа дека Фјури направил доволно за да го победи Вајлдер во првата борба бидејќи го надбоксирал речиси во сите 12 рунди.
Но, тој меч заврши без победник, а Бронзениот бомбардер потоа го одбрани шампионскиот појас на ВБЦ.
Нешто повеќе од една година подоцна, Фјури го победи Вајлдер со прекин во седмата рунда и ја освои титулата.