Тајсон Фјури нема да го менува планот за Усик и објасни зошто Џошуа и Дубоа се ограничени

За помалку од еден месец во Ријад ќе се одржи реваншот во тешка категорија меѓу Александар Усик и Тајсон Фјури.

Украинецот во средината на мај победи со поделена одлука, а на 21 декември Кралот наРомите ќе се обиде да му се одмазди за единствениот пораз во кариерата.

Фјури е целосно посветен на подготовките, а неодамна изјави дека нема да го менува стилот, без разлика што Усик пред неколку месеци го испрати во нокдаун во деветата рунда.

„Планот главно ќе биде ист како и досега, а јас гарантирам добар бокс. Не знам кој моја големина и тежина би можел така да бокирва. Многу луѓе ми велат дека требаше да го нападнам Усик, да го нападнам и да го удрам“, рече Тајсон Фјури и продолжи:

„Но, ако е толку лесно, зошто Џошуа, кој е голем и силен борец, не го победи Усик? Зошто Дубоа не го стори тоа? Но, тие се ограничени во споредба со мене, многу ограничени“.

Фјури потврди дека нема да прави никакви промени во неговиот агол за реваншот, откако многумина го критикуваа таткото Џон за неговата потенцијална улога во поразот.

„Добро ќе се подготвам за мечот, но ќе бидам максимално фокусиран на противникот и на работата што треба да ја одработам. А тоа е да се победи“, рече Тајсон Фјури и потврди дека неговиот татко ќе биде во аголот со тренерите Шугар Хил Стјуард и Енди Ли:

„Луѓето можат да имаат свое мислење… А тоа е сосема неважно, бидејќи тие немаат никаква врска со мене. Не е важно што мисли некој за настаните во мојот агол. Ако сум среќен, тогаш целиот свет е среќен“.

Фјури истакнува дека судијата добро се однесувал во деветата рунда од првиот меч кога го запрел налетот на Усик и решил да брои.

Имено, Кралот на Ромите беше соборен, но остана на нозе. Судијата скокна меѓу борците и почна да му брои на Фјури.

Многумина мислат дека судијата го спасил Британецот од евентуален нокаут. Натпреварот продолжи, а само миг подоцна гонгот означи крај на рундата.

„Тоа беше борба за титулата светски првак во тешка категорија, за обединување на титулите и затоа требаше да се продолжи мечот. Човек мора да падне на тлото и некој како мене, кој сум бил долу многу пати, повторно би станал и продолжил. Нека ми даде една шанса“, истакна Тајсон Фјури и подвлече:

„Јас сум голем верник. Верувам дека Бог има план за сите. А планот беше Усик да победи во првата борба. И успеа, тоа беше фер борба. Знаев дека е тесен мечот. Бев уверен дека направив доволно за да победам, но не се жалам. На крајот се радував за него“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО