Македонските таеквондисти од утре ги почнуваат настапите на Светското првенство во Гвадалахара, Мексико. Денеска беше направено жребувањето, па нашите натпреварувачи ги дознаа своите ривали во првото коло.
Олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски во категоријата +87 килограми ќе стартува во 1. коло против Колумбиецот Валтер Салдариага, кој според досегашната статистика не може да се пофали со медал од некое големо натпреварување.
Филип Додевски во категоријата -87 килограми во првата рунда ќе се сретне со Мароканецот Еласби Суфиане, додека нашата единствена преставничка во женска конкуренција, Мила Рељиќ, во категоријата -62 килограми ќе почека да заврши борбата меѓу Едајонг Мејо од Габон и Тончанг од Тајланд за да дознае со кого ќе се сретне во премиерниот меч.