На Светското првенство во таеквондо на Меѓународната таеквондо федерација (ИТФ) ќе учествува и македонската таеквондо репрезентација (ИТФ), под водство на Марјанчо Лазаревски, носител на мајсторски појас 4 дан, потпретседател на федерацијата на Македонија и тренер на националниот тим, како и Ацо Јосифоски, национален тренер (4 дан).
Македонија на Светското првенство во Пловдив, Бугарија, од 24 до 30 август ќе ја претставуваат: Зоран Донев ќе се натпреварува во спаринг до 71 к. и во форми, Борче Јовановски- во спаринг до 77 кг и во тест на сила, Климент Грозданоски – во спаринг до 85 кг.
Светско Првенство се одржува во Пловдив, иако првобитно беше планирано за во Пјонгјанг, Северна Кореа, но поради политичката ситуација во оваа држава истото беше преместено за во Бугарија.
Настапот на СП претставува огромен успех за такеводното во Македонија, а без спонзорите тоа ќе било невозможно.
„Во месец мај започнавме со селекција на натпреварувачите, а веќе кон крајот на месецот се знаеше кој ќе бидат нашите претставници на СП. Цело лето се подготвувавме во рамките на нашите можности. Физичката подготвеност не нѐ загрижува, бидејќи натпреварувачите се во топ форма. Она, што можеби е пречка, е нивното искуство. Освен Зоран Донев, на кого ова ќе му биде второ Светско првенство, останатите натпреварувачи за прв пат ќе бидат на едно вака големо натпреварување, каде што искуството е на страната на другите репрезентации. Момците се подготвени да дадат се од себе, за да се постигне максимален резултат. Се надевам дека добро ќе ги одбраниме боите на Македонија и гордо исправени ќе се вратиме од ова Светско првенство“, – изјави Марјанчо Лазаревски.
Ова СП ќе биде најмасовното во историјата на овој спорт, бидејќи ќе учествуваат 87 земји и над 850 натпреварувачи- сениори. Финалните борби ќе се одржуваат во Античкиот театар во Пловдив.
ipon.mk/В.Д.