Светскиот шампион во „пауерлифтинг“, Бошко Стаменковски од Македонска Каменица, стана и европски првак пред некој ден на Европското првенство во Финска, подигнувајќи тежина од 130 килограми во категоријата М2-75.
Сепак, има едно ама, не од натпреварувачки аспект, туку од финансиски. Таа е потешка борба од онаа со тежините, затоа бара да има разбирање за овој спорт, но и респект кон неговите резултати, кои се импресивни.
Бошко Стаменковски лани во Лас Вегас освои златен медал во категоријата „бенч прес“ до 75кг М1 и стана првиот Македонец кој постигнал ваков успех во оваа дисциплина.
Тој е балкански рекордер, а има злато и од Европско првенство. Секако, тој сака да продолжи со успесите на големите шампионати, по успехот на ЕП во Финска.
Тој постојано истакнува дека не добил помош од институциите за настап на Европското првенство во Финска, но тоа не го обесхрабрува. Стаменковски преку социјалните мрежи сега бара спознорства и донации за Светското првенство во Србија.
„Се подготвувам за 20 септември на Светското првенство во Књажевац, Србија, да соборам светски рекорд категоријата до 67,5 килограми“, изјави Стаменковски.
Ipon.mk/В.Д.