Димитар Мицевски (19) од Струмица, кој живее во Италија, е шампион на Сверна Италија, а наскоро ќе се бори и за титулата шампион на Италија во бокс.
Мицевски во категоријата над 91 килограм, победувајќи Троијано Просперо во финалето на Северна Италија си обезбеди виза за шампионатот на Италија, кој треба да се одржи во почетокот на декември во Галиполи.
Димитар, како што пишува aktuelno24.mk, уште од мали нозе пројавил интерес за благородната вештина. Благодарејќи на татко му Ѓорги, тој на 11 години почнува професионално да се занимава со бокс.
Досега имал околу 100 борби, а во 90 излегнал како победник. Златниот медал на Шампионатот на Северна Италија е надополнување на неговата низа на успеси.
За неговите успеси како „виновници“ ги посочува родителите, а по неговите стапки тргнал и помладиот брат Филип. Се надеваме дека браќата Мицевски ќе не радуваат со нивните успеси, не само во Италија, туку и за нашата репрезентација на големите меѓународни првенства.