Дана Вајт пред неколку дена официјално потврди дека Џон Џонс ќе ја брани титулата на УФЦ во тешка категорија на 11 ноември во Њујорк против Стипе Миочиќ.
Американско-хрватскиот борец и најголемиот тешкаш во историјата им вети на навивачите дека ќе го собори актуелниот шампион и повторно ќе стигне до тронот на кралската дивизија на УФЦ.
Миочиќ моментално е трет на листата на предизвикувачи и тоа ќе биде негов прв меч од март 2021 година, кога загуби од Френсис Нгану со нокаут и ја загуби титулата.
А кога Камерунецот ја напушти промоцијата на почетокот на годината, Џон Џонс доби шанса да се бори со Сирил Гане за титулата.
Во март, на настанот УФЦ 285, Боунс го победи Французинот со завршница во првата рунда и ја освои празната титула во тешка категорија.
„Мислев дека ќе се бориме во јули, но на крајот тоа ќе се случи на 11 ноември. Тоа е борбата што ја сакам, а ја сака и Џонс. Подобро не може“, рече Стипе Миочиќ во разговор со Меган Оливи и додаде:
„Ова ќе биде судир на два борбени стила и тоа гарантира добар натпревар. Имаме стилови кои можат да создадат многу електрична енергија и вистински огномет. Се враќам на тронот. На сите ќе им покажам како заслужувам да бидам светски шампион во тешка категорија.
Џонс имаше три години пауза до мечот со Гане, а Миочиќ по две и пол години се враќа во октагонот.
„На моето тело му требаше одмор. Јас стареам и ништо лошо во тоа. Сега се чувствувам одлично, но повремено морам да го оставам телото да мирува“, додаде Стипе Миочиќ, кој во август ќе го прослави својот 41 роденден.