ММА легендата, Хабиб Нурмагомедов го очекува спектакуларен викенд во Лас Вегас. Рускиот шампион за време на УФЦ 276 ќе биде претставен во „Куќата на славните“.
33-годишникот замина во пензија со скор од 29 победи и нула порази. Тоа го прави еден од најдобрите кои некогаш се појавиле во УФЦ октагонот. На последните три борби успеа да слави над Џастин Гејчи, Дастин Порие и големиот ривал Конор МекГрегор.
Шампионскиот појас го ослободи со напуштањето на спортот. Претходно подолг период немаше конкуренција во лесна категорија, во која доминираше како никој друг.
По пензионирањето, Нурмагомедов започна своја сопствена ММА промоција која се вика „Eagle FC“. Исто така продолжи да им дели искуство на своите најблиски, Ислам Макачев и Умар Нурмагомедов.