Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, денеска организираше прием за македонскиот ката тим кој освои сребрен медал на Светското првенство во карате за кадети, јуниори и јуниори 21 што се одржа во Џакарта, Индонезија.
Спасески им го честиташе успехот на каратистките и им посака на претстојните балкански и континентални збиднувања да го повторат резултатот нагласувајќи дека Република Македонија секогаш ќе ги помага и вреднува успешните спортисти како достојни претставници на нашата земја.
Тимот во состав (Маријана и Мишела Димоски и Киријана Камческа до медалот во кадетско -јуниорска конкуренција дојде по три победи и тоа над Шпанија 3:2 против Иран 5:0 и Германија 3:2 со што се пласираа во финалето, каде што загубија со 1:4 од Франција.
„Она што е најзначајно се работи за возрасни категории кои ќе бидат во полна форма по пет години, кога каратето најверојатно ќе биде на програмата на ЛОИ во Токио, за што се исполнети сите предуслови. За Македонија на спортски план тоа е од исклучително значење затоа што во овој спорт како во ретко кој имаме шанси за олимписка виза и дури и борба за медал. Реални параметри за тоа се повеќето медалисти од европските првенства во минатите неколку години, но и генерации кои ветуваат дека ќе го продолжат патот на Наташа Илиевска, Емил Павлов, Мартин Несторовски, Жарко Арсовски, Огнен Груевски, Иво Цветковски“, изјави Спасески.
Ова е втор медал за македонските картисти на СП кадети, јуниори и јуниори 21 (по бронзата на Берат Јакупи во 2013 година во Гвадалахара во У-21), а прв медал во дисциплината кати. Воедно, тоа беше и прво финале за Македонија на светски првенства во оваа конкуренција.
Од натпреварувачите во борби најдобар пласман постигна Фаик Весели на 5 место до кое дојде со 4 победи, а Филип Несторовски имаше пласман на 7 позиција со 3 победи и пораз (двајцата се кадети). Исто така 7 место имаше и Фери Исиќ во кати поединечно во У21 возрасна категорија што е најдобар индивидуален пласман на нашите во кати досега.
На деветото Светско првенство кадети, јуниори и јуниори до 21 години настапија 1492 каратисти од 91 земји, меѓу кои и 20 од Македонија.
Ipon.mk/В.Д.