Спасески-АМС: Каратистите го обелија образот на македонскиот спорт!

Kartisti Baku vo ASM

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, денеска организираше прием за членовите на македонската карате репрезентација и наши најдобри каратисти во моментов, Емил Павлов и Мартин Несторовски, кои освоија бронзени медали на неодамна завршените Европски игри во Баку, Азербејџан.

„Карате спортот е во голем подем и има голем потенцијал, за што говорат и резултатите. Имено, во последниве неколку години имаме неколку европски шампиони и вице-шампиони во повеќе категории и во машка и  женска конкуренција, со што карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава. Тоа се докажа и на Првите Европски олимписки игри во Баку, каде нашите каратисти освоија два бронзени медали и го обелија образот на македонските спортисти и македонскиот спорт. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја“, изјави Спасески, при што и го честиташе успехот на  репрезентативците, тренерите и целокупниот стручен штаб на карате репрезенатацијата.

Karatisti Baku vo ASM 2
Директорот на АМС порача дека агенцијата ќе продолжи финансиски и логистички да го поддржува карате спортот.
„Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признание – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена. Емил и Мартин се носители на стипендии од Светска категорија и четири години земаат по една просечна плата на месечна основа, а Емил е носител и на највисокото спортско признание, популарната „Спортска пензија“ и истиот по завршување на спортската кариера, ќе добива месечен надомест во висина од една просечна плата“, истакна директорот на АМС.
Karatisti Baku vo ASM 3

Еден проблем ги тиштеше спортистите во врска со Европските игри, односно резултатите не влегуваа во категоризацијата за наградување, поради тоа што Игрите стапија на сцената многу брзо, а промени во Правилникот не беа направени.

„До декември ќе има промена на Правилникот, на што работи Советот за спорт при АСМ, па така и Европските игри ќе влезат во категоризацијата, како и некои други спортови“, рече Спасески.
Емил Павлов секунди го делеа од повисок пласман, но мало невнимание го оддалечи од среброто или можеби и златниот медал.
„Се уште не ми се верува како на секунда до крајот направив несфатлива грешка и го пропуштив финалето. Сепак, победив во борбата за третото место и тоа ми дава мотивација да продолжам понатаму со исто темпо. За овој резултат голема заслуга имаат психологот Ленче Алексовска и секако Агенцијата за млади и спорт, бидејќи со нејзината стипендија можам професионално да се посветам на тренинзите и подготовките“, нагласи Павлов.
Мартин Несторовски задоволен од постигнатото во Баку, рече дека токму од него и од Павлов се очекувале најголеми резултати и поради тоа биле под психолошки притисок, но тоа не ги спречи да стигнат до медал.
– Без поддршката од АМС, МОК и Карате федерацијата немаше да го постигнеме овој резултат. Одиме понатаму кон нови успеси, рече Несторовски.
Павлов и Несторовски беа единствените Македонци кои се искачија на победничкиот подиум на Игрите во Баку.

За крајот на Игрите

Заминавме со 45 спортисти, се вративме со два медала и тоа двете бронзи на каратистите Мартин Несторовски и Емил Павлов. Ги освоија уште во првите денови од Игрите и ја кренаа надежта, дека можеби ќе почнат една поголема колекција за македонската експедиција, но остана на тоа. Борачите ветуваа, но ништо од тоа, додека на Бајро Машовиќ во самбо борење му се пружи прилика да се бори за бронзениот медал, која не ја искористи.

И ние сме дел од 40-те земји од 50 држави кои освоија медали. Зад Македонија се Црна Гора и Косово од соседството, а блиску над нас, но сепак неколку нијанси далеку е Словенија, која е при дното меѓу 31 освојувачи на злато. Недопирливо најуспешни беа руските спортисти со 164 медали, од нив 79 злата (40 сребра, 45 бронзи). Дури и само златните трофеи се многу повеќе од вкупниот број освоени на второпласираниот Азербејџан (21 златни, 15 сребрени, 20 бронзени).

ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО