Како што кажавме и вчера, во рок од 15 дена посебната комисија: д-р Страшо Глигоров, м-р Рубин Талевски, Назми Али, заедно со Николовски и сметководството, треба да расчистат каде се споменатите 300.000 евра, кои наводно ФБСМ ги добил за организација на Европското јуниорско првенство во 2013 година. УО на ФБСМ ќе го разгледа извештајот на оваа Комисија и писмено ќе ги извести делегатите на Собранието. Но и каде се ненаплатените 33.000 евра, кои можат да застарат како побарувања, а Управата за јавни приходи веќе наплатила данок повеќе од 2.000 евра за нив, како што соопшти претставникот на клубот „7 Мај Леов“ од Прилеп, Рубин Талевски. Управниот одборна ФБСМ ќе го разгледа извештајот на оваа Комисија и писмено ќе ги извести делегатите на Собранието.
Новиот состав на Управниот одбор е проширен со измени во Статутот, но и тука имаше пазарење,бидејќи Методи Сичков на вонредното Собрание вети 20 илјади евра, па Чифилагенц побара конкретен одговор од него дали може да ги обезбеди тие средства. Но сето тоа беше условувано со некој нивен разговор, кој за присутните остана непознат. Сичков рече дека и досега давал пари и дека тој ги платил четирите авионски карти на репрезентативците од Русија. Сепак, тој изрази стравување дека не се знае каде одат тие пари. Членови на УО треба да најдат по 1.000 евра месечно за да се реализира програмата за работа во 2016 година во износ од околу 110. 000 евра. Новиот УО го сочинуваат Чифлиганец, потпретседателите Бетим Вренези-задолжен за т.н. домашна програма, Трајче Димков -за развој, контакти со АМС и МОК и градоначалници, Могамед Ибрагимов -координатор за меѓународна програма, спортскиот директор Насев, потоа членовите Аце Поцев, Назми Али, Ристо Масев, Алија Алајдин, Методи Сичков, Добре Маринков, Јунуз Мемеди и Петар Спасовски.
На 29 ноември и 5 декември, во Прилеп и Неготино треба да се одржат два турнира/ првенства, по кои ќе се добие новиот првак на Македонија за 2015 година.
Од друга страна претседателот на ФБСМ констатираше дека во овој момент нема домашен борач што може да обезбеди олимписка норма, иако идната година ќе се обидат на трите критериумски натпреварувања (на ЕП во април во Зрењанин, Србија, и двата турнира во Монголија и Турција, непосредно пред „Рио 2016“).
„И за ‘Токио 2020 година не знам дали со домашен борач ќе успееме штом губиме на СП во Лас Вегас со по 10-0, без ниедна победа, а во „Атланта 1996’“имавме 10 победи – три Влатко Соколов, две Валериј Верхушин и пет Шабан Трстена“, потенцирташе со повисок тон Чифлиганец.
Покрај утврдениот нов состав на сите комисии – судиска, регистрациска, дисциплинска, тренерска, натпреварувачка, здравствена, стручен совет, лига-одбор, комисии за маркетинг и пропаганда и за прописи, новоформиран е и Совет за врвни спортисти и спортски работници, во состав Трстена, Шабан Сејдиу, Зоран Шоров, Ристо Дарлев, Влатко Соколов, Абдула Мемеди, Љупчо Јанев, Милош Вучидолов, Димче Ангелов и Бојан Рангелов, како и специјално тело за развој и унапредување на борењето.
Како придружни членови на Собранието се кооптирани Здружението на борачки тренери и Здружението на борачи-ветерани. Во иднина ќе се проверува активноста на клубовите со право на глас со Собранието, односно ќе имаат придружен статус од две години. Оние што нема да учестуваат на домашните натпреварувања ќе го изгубат правото на глас.
Бурни, на моменти смешни беа меѓусебните обвинувања на Николовски со спортскиот директор Насе Насев, со членот на УО, Назми Али и со други делегати. Од друга страна, Николовски не доби шанса да го прочита својот отчет поради неговата должина (имаше два – од осум и 18 страници), а на неговото обвинување дека не бил известен за Собранието за да се подготви, секретарот на ФБСМ одговори дека му се испратени две покани, па и тоа прашање остана неразјаснето. Николовски обвини и дека не му бил дозволен пристап до архивата на ФБСМ, со цел да ги документира со фактури сите приходи и расходи за време на неговото „владеење“ со Федерацијата, за кое додаде дека „денар нема земено“.
И самиот финансиски извештај, подготвен од службата на ФБСМ, укажува на неправилности, утврдени од УЈП: плаќање без фактура, несигурни наплати и позајмици, сомнителни компензации и аванси, тешко наплатливи пари итн. Кулминација беше препукувањето на Насев со Николовски, со зборовите:
„Чедо, погледни ме во очи и повтори тоа што го кажа на ТВ дека си ми дал 10.000 денари за телефон“!
Николовски: „Насе, погледни ме ти во очи и кажи дали не ти дадов 10.000 денари за телефон тука, на паркингот пред хотелов?“ Инаку,седницата се одржа во „Холидеј ин“, во Скопје
Николовски:„Да, ти дадов, за телефон“.
Али Назми Тефјуз:„Мене ми даде 8 илјади за да го носиме делегатот во Битола и Охрид, кој рече дека најубаво си поминал, зашто го посетил видел каде учел Кемал Ататурк. А со Насе не знам што правел“.
Али праша кај се парите од ЕП, 300.000 евра и дека некои клубови добиле по 20 илјади евра.
Хасан Билсими-Скопје:„Ти ми рече (кон Николовски) дека Насе земал 20.000 евра“.
Назми Али рече дека по заслуга на Насе ЕП се одржа во Скопје.
Николовски:„Ниту сум рекол, а ниту некој може да земе“.
ipon.mk/В.Д.
.