Словенката Ема Козин ги освои шампионските појаси на ВБО и на ВБЦ

Словенечката боксерка Ема Козин е новата светска шампионка во супер велтер категорија во верзиите на ВБО и на ВБЦ.

Љубљанчанката на настанот во Манчестер по десет рунди со одлука на судиите ја победи Шкотланѓанката Хана Ранкин.

Ема до триумфот стигна со поделена одлука на судиите, Киеран МекКен (96-94) и Марко Москадели (98-92) гласаа во нејзина корист, додека Френк Мајкл Маас по тесен меч оцени дека Хана била поуспешна.

Шкотланѓанката подобро го отвори мечот доминирајќи на средината на рингот, но Љубљанчанката почна да ја презема контролата во следната рунда. Двете боксерки разменија неколку одлични комбинации.

Во продолжение решија да боксираат од дистанца, а ретко си дозволуваа можност да ја истакнат својата предност.

Во петтата рунда словенечката боксерка со одлична серија удари ја притисна Шкотланѓанката на јажињата и продолжи добро да го контролира мечот.

Ритамот на борбата се засили во вториот дел од дуелот, а Ема до крајот успеа да одолее на противничките напади и ја задржа бодовната предност што беше доволна за голем триумф.

„Не знам дали некогаш сум била толку среќна по пресметка како денес. Но, мислам дека ќе бидам уште посреќна кога сето ова ќе го преспијам“,рече Ема Козин и додаде:

„Борбата беше многу тешка, но останав присебна, имав контрола и веќе во текот на мечот знаев дека сум на пат кон победата. Уживав во натпреварот. Во вториот дел знаев дека повеќето рунди се мои, но морав да внимавам да не ме изненади Хана“.

Ема Козин во својата професионална кариера има 24 победи, едно реми и пораз од Американката Клариса Шилдс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО