„Скопје опен 2024“ – денес и утре таеквондо спектакл во Скопје

Денес и утре, Скопје е домаќин на меѓународен турнир од серијата Г1, „Скопје опен 2024“, во СРЦ „Јане Сандански“, на кој ќе настапат и нашите најдобри таеквондисти во машка и во женска конкуренција.

На „Скопје опен 2024“ се очекува да настапат околу 700 натпреварувачи од целиот свет. Со самото тоа што од Македонија ќе учествуваат само 20 натпреварувачи говори за силината на турнирот, на кој може да учествуваат само врвни натпреварувачи, оти се работи за фулконтактен спорт, каде што учествуваат само таеквондисти со меѓународни дипломи за црн појас.

Пријавени се натпреварувачи на повеќе од 40 држави, како што се САД, Франција, Турција, Србија, Германија, Австрија и многу други, кои ќе влезат во борба за поени за светската и за олимписката ранг-листа, што ќе претставува и добра увертира за Европското првенство во мај во Белград.

„Овој турнир со сигурност можам да тврдам дека е најсилниот досега организиран од боречките спортови кај нас, каде што ќе учествуваат и неколку олимпијци. Покрај нашиот најдобар спортист и сребрен олимпиец, Дејан Георгиевски (над 87 кг), ќе се натпреваруваат и други од светска класа, кои имаат норма за Париз, како што се Џек Воли од Северна Ирска, Кристина Тичаут од САД, Патрик Дивковиќ од Словенија, Александра Перишиќ од Србија, Биана Лагер од Израел, Неџат Хусиќ од БиХ, седми на ЛОИ во Токио, светскиот вицешампион Стефан Таков од Србија и многу други европски и светски медалисти“, вели тренерот на Мила Рељиќ, Александар Ефтимов.

Денеска се борат кадетите и јуниорите, а утре сениорите, и во двата дена од 9 до 19 часот. Главен организатор на турнирот е ТК Бутел, како коорганизатори се Македонската таеквондо-федерација и ТК Рамус од Бугарија, а помагател е Македонскиот олимписки комитет.

Лани на овој турнир во Скопје имаше натпреварувачи од 36 земји, а од Македонија, кај сениорите злато освои Рељиќ, сребро Георгиевски, кај јуниорите сребро Дарко Ѓоргиев (до 68 кг), а бронзи Андреј Василевски (до 51 кг) и Јован Марковски (над 78 кг) и кадетот Стефан Димовски (до 37 кг).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО