Сите сакаат да го гледаат мечот Усик – Фјури, но Хрговиќ може да добие шанса доколку таа борба не биде договорена

Александар Усик (21-0, 14 КО) со неверојатен настап со нокаут во деветтата рунда го победи британскиот борец Даниел Дубоа (19-2, 18 КО).

Со тој триумф непоразениот Украинец ги одбрани шампионските појаси во тешка категорија во ВБО, ВБА и ИБФ, а по мечот стави до знаење кого сака за следен противник.

„Подготвен сум за мечот против Тајсон Фјури – изјави Александар Усик.

И неговиот менаџер Александар Красјук неодамна изјави дека се надева на меч против Кралот на Ромите.

„Целиот свет сака да ја гледа таа борба. Сите сакаат да го гледаат мечот за обединување на светските титули“, изјави Александар Красјук.

Најверојатно ќе следи нов обид да се договори борба за обединување на титулата во тешка категорија.

Единствениот појас што му недостасува на Усик е оној што моментално го држи Тајсон Фјури – ВБЦ.

А доколку таа борба наскоро не биде договорена, шансата како задолжителен предизвикувач на ИБФ би можел да ја добие Хрватот Филип Хрговиќ.

Имено, хрватскиот тешкаш е следниот предизвикувач, но борбата меѓу Усик и Фјури сепак е во предност.

Хрговиќ веднаш одговори на Инстаграм и му порача на Усик: „Честитки. Се гледаме наскоро“!

А Усик по мечот беше прашан дали Филип е следниот противник доколку не се договори борба против Фјури, а тој одговори:

„Овие работи им ги оставам на мојот промотор Алекс Красјук и на мојот менаџер Егис Климас. Сега ќе одам да се одморам и убаво да спијам“.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО