Еден од најдобрите ММА борци на сите времиња, Џон Џонс, во март го освои шампионскиот појас на УФЦ во тешка категорија.
По тригодишна пауза Боунс се врати во октагонот и во дебито меѓу тешкашите многу лесно оствари нова победа во кариерата.
На настанот УФЦ 285 го победи Сирил Гане со завршница за 124 секунди.
Французинот целосно потфрли на тој меч, но наскоро ќе го надомести тоа. Имено, Гане има договорено меч против Сергеј Спивак за 2 септември во Париз.
Во едно неодамнешно интервју Сирил размислуваше за неговиот пораз од Џон Џонс.
„Знаев дека Џонс е многу силен и тренирал во многу спортови. Тој е физички моќен и психички многу силен борец. Тренира многу во последните три години и беше целосно фит, па не ме изненади. Удира силно, но не е толку брз“, изјави Сирила Гане и додаде:
„Понекогаш не знам добро да го контролирам растојанието и потоа грешам, тоа се случи и против Џонс. Претпоставувам дека тогаш сакав да направам нешто за да ја сменам моменталната ситуација и тогаш згрешив. Можеби и тој претпоставуваше дека тоа може да се случи и ја искористи шансата. За време на тренинг кампот, Фернанд Лопез постојано ми велеше да го користам директно предниот дел. И што направив? Се обидов со тежок удар и промашив, а Џонс го искористи тоа“.
Џон Џонс ќе ја направи првата одбрана на титулата во ноември на настанот во Њујорк против најголемиот тешкаш во историјата, Стипе Миочиќ.