Тим менаџерот на Хабиб Нурмагомедов и мечмејкер на Игл ФЦ, Ризван Магомедов, објави нов пост на социјалните мрежи во кој ги истакнува достигнувањата на ММА школата на Абдулманап Нурмагомедов.
„Неверојатното достигнување на школата по име Абдулманап Нурмагомедов во ММА:
УФЦ шампион во лесна категорија.
Белатор шампион во лесна категорија.
ПФЛ шампион во перо категорија.
АЦА шампион во перо категорија.
Игл ФЦ петел шампион.
Наскоро доаѓа шампионот на ОНЕ ФЦ во лесна категорија“, напиша Магомедов.
Легендарниот тренер Абдулманап Нурмагомедов почина пред 2 години на 57-годишна возраст. Абдулманап го напушти овој свет поради проблеми со срцето и Ковид-19. Во септември 2019 година беше прогласен од Руската книга на рекорди за најуспешен борбен самбо тренер во земјата.
Таткото на Хабиб ја започна спортската кариера со борење во слободен стил, кое тој, како и многу деца од Дагестан, го практикуваше уште од мали нозе. Додека служел во Советската армија, почнал да вежба џудо и самбо.
Неговиот прв голем успех како тренер дојде кога неговиот брат, Нурмагомед Нурмагомедов, го освои Светското првенство во самбо за украинската репрезентација во 1992 година. Во текот на својата тренерска кариера тренираше вкупно 18 светски шампиони.
Абдулманап повеќе не е меѓу живите, но неговите ученици не престануваат да ги развиваат и освојуваат светските ММА организации.