Шефот на УФЦ му порача на Дош Сантос: Може да се бори каде било и добро да заработи, кај нас изгради име

Легендарниот бразилски ММА борец Жуниор дош Сантос беше отпуштен од УФЦ во почетокот на март каде помина 12 години.

Поранешниот шампион во тешка категорија постигна 15 победи во 23 борби за најсилната светска промоција во ММА, која му се заблагодари по четири порази по ред.

Последниот меч го загуби со прекин во втората рунда против актуелниот предизвикувач Сирил Гане.

Бразилецот по отказот проговори за односот со УФЦ. Имено, веста дека повеќе не е член на УФЦ ја дозна Ден Ламберт од американскиот Топ тим кој ја добил пораката.

Попатно, на Ламберт му беше наложено одлуката за отказ да му ја пренесе на Жуниор.

„Тоа навистина ме изненади, а нивниот однос кон мене беше прилично ладен. Знам дека сето тоа е бизнис, но не им е грижа. Сè што постигнав за таа промоција, овој крај не беше вистинскиот“, изјави 37-годишниот Дош Сантос и додаде:

„Никој не ми се јави, а со Дана Вајт не сум разговарал со години. Ниту сега не разговараа со мене. Тие испратија порака до Ден Ламберт од Американскиот топ тим во која ме известија дека ме отпуштиле“.

Претседателот на УФЦ, Дана Вајт неодамна го коментираше односот меѓу промоцијата и Жуниор дош Сантос.

„Неодамна кажа сешто, како односот на промоцијата го повредил и начинот на кој мораше да го напушти УФЦ. Рече дека ме интересира само заработка“, изјави Дана Вајт, осврнувајќи се на годините на Жуниор:

„Тој е веќе во четириесеттите години и има четири порази во низа. Доаѓа момент кога треба да донесам одлука. Секогаш е болно“.

Жуниор дош Сантос кариерата ја продолжи во кечерските води. Досега има настапувано двапати на промотивни настани на АЕВ/ AEW.

Засега Бразилецот сака да се занимава со професионално борење (кечерство). Шефот на УФЦ смета дека Дош Сантос може да направи кариера во тоа и да заработи добри пари.

„Тука за него веќе немаше место. Може да се бори секаде и да заработи добри пари. Многу борци градат име овде, а потоа одат во други промоции и заработуваат луди пари. Одлично е, така се прави“, истакна Дана Вајт.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО