Поранешниот шампион на УФЦ, Френсис Нгану, кон средината на мај минатата година потпиша за ПФЛ, а беше најавено дека ќе настапи во супер борби.
Но, во меѓувреме се сврте кон нов предизвик, привремено заменувајќи го октагонот со боксерскиот ринг.
Имено, силниот Камерунец на крајот на октомври учествуваше во меч против шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури.
Без разлика на поразот, Нгану импресионираше во своето боксерско деби, а особено за паметење ќе остане третата рунда кога го испрати Џипси Кинг во нокдаун.
Британскиот тешкаш се врати во мечот и внимателно боксираше до крајот, на крајот победи со поделена одлука.
Камерунскиот напаѓач пред неколку дена договори уште еден боксерски меч на 8 март против поранешниот светски шампион Ентони Џошуа.
Шефот на ПФЛ Питер Мареј изјави дека Нгану ќе се врати во октагонот по натпреварот против Еј Џеј и тоа во втората половина од годината.
„По добриот настап против Фјури, Нгану сега има уште една голема борба. Горди сме и среќни за Френсис, а тој се враќа во октагонот по борбата против Џошуа. Ќе го добие и мечот во ПФЛ. Нгану прво ќе боксира, а потоа ќе се врати во ММА. Следната година тој ќе биде еден од главните луѓе за африканската ПФЛ“, изјави Питер Мареј и додаде:
„ПФЛ Африка ќе биде нашата прва регионална лига. Нгану е многу возбуден поради проектот, бидејќи спортистите нема да треба да го напуштат континентот за да се натпреваруваат како професионалци“.