Шабан Трстена ги додели „Златните олимписки оскари“

Легендата на македонскиот спорт, олимпискиот шампион од ЛОИ 1984, Шабан Трстена по седми пат денеска во хотелот „Александар палас“ во Скопје на свечена церемонија ги додели новите пет „Златни олимписки оскари“ за личности и институции кои го поддржувале во неговата кариера.

Оваа година, боречката икона на Македонија се одлучи „Златните олимписки оскари“ да ги додели на медиуми и поединци кои долги години во неговата кариера постојано биле и се уште се негова поддршка. Меѓу нив, оваа година признанието го добија ректорот на Универзитетот ААБ од Приштина, д-р Лулзим Тафа, деканот на Факултетот за спорт од Приштина, д-р Абедин Бахтири, како и деканот за спорт на Универзитетот „Хасан Приштина“, Муса Селими, академскиот сликар Мифтар Мемети, професорот од музичкиот училишен центар во Тетово и долгогодишен новинар, Љупчо Перински, новинарите Горан Милковски, Сами Адеми, Игор Ивановски, Авни Ќаили и Мишко Иванов, актерот Сабедин Селмани, сопственикот на „Фокус принт“, Имер Гоџуфи, како и пријателите на шампионот Агим Тачи и Билгин Џеладин.

На церемонијата на доделување на оскарите во хотелот „Александар палас“ во Скопје беа и бројни гости, стопанственици, спортисти, професори, новинари и пријатели на Трстена, кои уште еднаш оддадоа и признание за се што работи македонскиот олимписки шампион и по завршувањето на неговата натпреварувачка кариера.

„Она што ме поттикна да наградувам со „Златен олимписки оскар“ е фактот дека до титулата олимписки шампион успеав да стигна на достоинствен начин, со храброст и самодоверба. Така го остварив сонот што си го поставив како цел, да стигнам до врвот на спортските остварувања. Задоволство е кога се чувствуваш почитуван од вистинските луѓе, посебно од луѓето во мојот роден град, од цела Македонија и насекаде на Балканот. Како спортист на 20 век, преку доделувањето на овие „Златни олимписки оскари“, изразувам благодарност на луѓето кои беа со мене и воедно, изразувам голема почит за секој што дал придонес и знаел да го цени и да го вреднува мојот успех и вредностите на спортот во целина, посебно на олимписките вредности“ – истакна Шабан Трстена.

Претходните години, добитници на „Златните олимписки оскари“ беа и претседателот на МОК, Васил Тупурковски, Агенцијата за млади и спорт, поранешнит селектор на боречката репрезентација, Насе Насев, Милош Вучидолов – доктор на репрезентацијата и Хајруш Синани како негов тренер. Но, доајените на македонското спортско новинарство, Миодраг Мицковиќ, Атанас Костовски, Зоран Михајлов, новинарите Решат Ибраими, Атанас Кировски, Владимир Булатовиќ, Шабан Синани, Кирил Манев, Агим Касаполи  и Кемал Гоца, публицистот Сефер Тахири, директорот на Градската болница „8 Септември“, Игор Костов како и продуцентот на филмот „Кобра“, Томи Салковски, како и македонските медиуми Екипа, МТВ, Алсат, „Ипон.мк“.

Фото: Роберт Спасовски – Екипа.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON