Се молам секој ден, а Исус е мојот живот. Не знам колку долго ќе живеам, но знам дека сето ова е само привремено!

Александар Усик му одржа боксерски „мајстерклас“ на Даниел Дубоа, со што уште еднаш го потврди својот докторски статус во областа на благородната вештина, повторно обединувајќи ги сите појаси од тешкашката категорија и повторно зацврстувајќи го статусот како најдобар тешкаш на модерната ера, како и местото во пантеонот на историјата на боречките вештини.
Непоразениот Украинец влезе на рингот на Вембли со мелодијата „Аве Марија“ во изведба на Томи Профит и Станај, а веднаш по победата со нокаут во петтата рунда, им се заблагодари на Исус Христос и на Мајка Богородица во победничкиот говор. Охрабрени од ова, бројни новинари на медиумската конференција го прашаа Усик колку му значи верата во животот.
„Верувам во Бог и Исус Христос, Мајка Богородица е мојата небесна мајка, а музиката со која излегов ме мотивира“ – рече ново-стариот апсолутен шампион на кралската дивизија под овации од публиката и одговори на прашањето како верата го прави подобар боксер и подобра личност:
„Ова е мојот живот. Она што го правиме сега е само привремено. Не знам колку долго ќе живеам, но сега работам за мојот иден живот, оној на небото. Се молам секој ден, секое утро и секоја вечер, одам во црква и постам секогаш кога можам. Исус е мојот живот, а Бог ја чисти мојата душа“.
Усик зборуваше и за тоа како верата влијаела на неговиот пат уште од рана возраст.
„Верував во Бог дури и пред да почнам да боксирам, но бев луто дете. Откако почнав да боксирам, мојата душа се промени, почнав да чувствувам љубов. Како дете, во тешки времиња, мислев дека животот не е фер кон мене, но сега знам дека животот е фер кон мене и дека Бог е милостив“, рече, меѓу другото, најдобриот тешкаш на денешницата.



