Подготовките на репрезентацијата во борење земаат замав, бидејќи националниот тим е комплетиран со доаѓањето на Халил Зубаиров и Тимур Хамикоев. Сепак, во овој краток период Дејан Митров се здоби со мала повреда.
„Заработив мала повреда на лигаментот. Се консултирав со лекарот и тој ми рече дека не е посериозна повредата, притоа ми порача две недели одмор, период што ќе го искористам за физикална терапија и брзо закрепнување. На репрезентацијата ќе се приклучам на подоготовките во Бугарија“, изјави Дејан Митров за ipon.mk.
Митров е уверен дека ќе биде подготвен за Светското првенство во Лас Вегас, САД, во почетокот на септември.
На СП борачите ќе бркаат пласман до шестото место во олимписките тежински категории, што е услов за настап на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро в година.
Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ) се одлучи за СП да се подготвуваат: Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари, кои се стипендисти на Македонскиот олимписки комитет (МОК), како и Дејан Богданов, Халил Зубаиров и Тимур Хамикоев (грчко-римски стил) . Македонија треба да настапи со четворица борачи во слободен стил и еден во грчко-римски, од ФБСМ се надеваат дека ќе се изборат за уште еден патник за Лас Вегас.
Во сенка на подготовките на борачите, кои од 8 август треба да продолжат во Бугарија, е иницијативата за вонредно изборно Собрание на ФБСМ, што ја покренаа 14 клуба. Чедо Николовски, претседателот на ФБСМ, потврди дека се исполнети условите за одржување на Собранието. Според актите на ФБСМ, рокот за негово одржување е 20 дена по поднесувањето на иницијативата, значи некаде до средината на август. треба да биде свикано. Николовски не е сигурен дали ќе успеат да го организираат до СП поради годишните одмори, но не го оспори правото на иницијаторите да ги искажат проблемите на говорницата на највисокиот орган на Федерацијата. Од друга страна, Иницијативниот одбор смета дека Собранието треба да се одржи во статутарните рокови за доброто на борењето.
Николовски истакнува дека Федерацијата одсега потрошила 100 илјади евра за подготовките и настапите на борачите, а од АМС добила неполни 10 илјади евра за цела година. Поради побарувањата спрема ФБСМ од бројни коминтенти, ја блокираат работата.
ipon.mk/В.Д.