Пулев: Нема да има меч Џошуа-Фјури, затоа што ќе победам! (ВИДЕО)

Кубрат Пулев е убеден дека ќе ги расипе плановите за најочекуваната боксерска пресметка меѓу Ентони Џошуа и Тајсон Фјури, која може да ги обедини сите боксерски титули во тешка категорија.

Пулев пристигна во Лондон за време на викендот и се подготвува за борбата оваа сабота на Вембли.

Бугаринот верува дека ќе може да ги искористи слабостите на Џошуа, како што тоа го направи Енди Руиз во 2019 година.

„Гледам многу грешки кај Џошуа. Има многу слабости. Мислам дека ќе ги има и во оваа битка. Многу е важно како ќе настапам во сабота. Ако сè оди добро, ќе го натепам добро. Во моментов се чувствувам многу добро. Јас сум силен.

Ќе видиме како се претставува Џошуа. Не знам што да очекувам од него, но не е важно. За мене поважно е како се претставувам и како се подготвувам. Мојата стратегија и мојот бокс – тоа се најважните работи. Ќе се борам сосема поинаку, бидејќи имам големо искуство од борбата со Кличко. Ќе има нов Кубрат Пулев.

Овој меч не е само за мене. Не станува збор само за бокс. Тој е за цела Бугарија. Мојата земја никогаш немала светски шампион во тешка категорија. Затоа сакам да ги израдувам бугарските навивачи.

Тоа беше и сонот на татко ми. Затоа, јас и брат ми сме тука. Сакаше да има синови и да ги направи шампиони во боксот. Сега соништата се остваруваат и тоа е факт. Тој нè гледа од небото и сигурен сум дека е среќен.

Се чувствувам здраво и среќно. Имам многу енергија. По битката и по победата ќе бидам навистина среќен. Мислам дека по овој меч ќе се соочам со Тајсон Фјури. Не мислам дека Фјури против Џошуа ќе се случи, затоа што јас ќе победам оваа сабота. Мислам дека на светот му треба нов светски шампион како мене. Доаѓам”, изјави Пулев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО