Тајсон Фјури и Александар Усик се борат на 17 февруари во Саудиска Арабија за титулата апсолутен шампион во тешка категорија, а по мечот се очекува поразениот веднаш да ја активира клаузулата за реванш.
Непоразените шампиони веќе подолго време преговараат за меч за обединување на титулата, а една од клучните точки во договорот е можноста за реванш. Но, неодамна Турки Алалших претстави некои планови кои немаа многу позитивен одзив во боксерската јавност.
Имено, претседателот на Џенерал ентертејмнт ауторити, кој организира големи спортски настани во Саудиска Арабија, изјави дека сака победникот од мечот Фјури-Усик да се бори против подобриот од борбата меѓу Ентони Џошуа и Френсис Нгану.
Но, тоа не треба да го доведе во прашање планот на ИБФ, кој пред неколку месеци објави дека ќе му го земе појасот на победникот доколку поразениот побара реванш.
Претседателот на ВБЦ, Маурицио Сулејман, смета дека ништо не може да го спречи „второто поглавје“ од најголемата борба во последните неколку децении.
„Годинава се договорени два големи настани, две огромни борби. За неколку недели навивачите ќе ја добијат долгоочекуваната и најважна борба во тешка категорија во последните 25 години. „Огнен ринг“ ќе се одржи во Ријад“, рече Маурицио Сулејман и продолжи:
„Тоа ќе биде меч за апсолутен шампион, за обединување на четири појаси (ВБЦ-ВБА-ВБО-ИБФ). Нашиот шампион, Британецот Тајсон Фјури, на 17 февруари ќе се бори со Украинецот Александар Усик. Мечот беше одобрен со можност за реванш. Без разлика на исходот од првата битка, ќе се одржи второто поглавје од тој еп. Последен апсолутен шампион во тешка категорија беше Ленокс Луис и тој ќе биде почесен гостин на настанот. Тој ќе го претставува ВБЦ“.
Ја допре и борбата меѓу Џошуа и Нгану.
„А втората голема борба ќе се одржи на 8 март, на настанот ‘Нокаут хаос’, Ентони Џошуа ќе боксира со сензационалниот Френсис Нгану. Победникот ќе биде во привилегирана позиција и може да бара што сака. Оваа борба им е најважна во животот“, заклучи Маурицио Сулејман.