Порториканскиот боксер Феликс Вердехо е обвинет за киднапирање и брутално убиство на неговата бремена љубовница Кишл Марлен Родригез Ортиз.
Поранешниот олимпиец вчера и се предал на полицијата во Сан Хуан кратко откако било пронајдено мртвото тело на 27-годишна жена за која се верува дека е неговата бремена љубовница.
Доказите сугерираат дека нејзиното тело било фрлено во лагуна откако била претепана и дрогирана. Сè се случило по наводната средба со Вердехо и барем уште еден учесник, пишува BoxingScene.
Според извештајот, Вердехо ја контактирал Родригез на 27 април и кога дознал дека го носи неговото дете еден месец, тој наводно ја убедувал да абортира.
Записот од телефонските повици докажува дека порториканскиот боксер ја контактирал Родригез во четвртокот и побарал да се состанат. Вердехо и сведокот потоа се возеле на состанокот со автомобилот на Феликс (џип Доџ Дуранго), а токму ова возило одговарало на описот на возилото што камерата го фатила во близина на лагуната каде било пронајдено мртвото тело.
Сведокот тврди дека боксерот ја удрил љубовницата во лицето и потоа и вбризгал седатив. После тоа, заедно со сведокот, ги врзале рацете и нозете на жртвата и ја одвеле дрогираната жена до мостот Теодоро Москосо, од каде ја фрлиле во вода. Според извештајот, Вердехо потоа пукал од пиштол кон Родригез.
Телото на мртвата Родригез било пронајдено во саботата. Лицето и било толку изобличено, што била идентификувана само преку забен запис. Случајот го презеде ФБИ и сега се чека судскиот процес против Вердехо.
Вердехо е 27-годишен боксер со прекар Ел Дијаманте, кој во текот на својата кариера забележал 27 победи и два порази, а се натпреварувал во лесна категорија. Последен пат се борел на 12 декември 2020 година, кога бил поразен од Јапонецот Масајоши Накатани со технички нокаут. Исто така вреди да се напомене дека во 2012 година тој го претставувал Порторико на Олимписките игри.