Пинк Пантер: Ќе се радуваме против вице шампионот на Србија! (ВИДЕО)

Регионалната бокс лига стартува викендов, а нашиот претсавник Пинк Пантер од Штип во недела се среќава со екипата на Војводина-Спартак.

 

„Се надеваме дека ќе оствариме победа која спектакуларно ќе ја прославиме, иако Војводина на хартија важи за фаворит изјави претседателот на Пинк Пантер на денешната прес-конференција Илија Младеновски.

Според организаторот, боксот ќе биде главното обележје на Штип за 2017 година.

„Подготвени сме за стартот на Регионалната лига каде што прв противник ќе ни биде Војводина – Спартак. Станува збор за колектив кој минатата година заврши на второто место во Српското првенство и иако се фаворити на хартија, јас сум убеден дека ние ќе се радуваме на победата. Секако и спектакуларно ќе го прославиме нашето учество во ова големо натпреварување” рече Илија Младеновски.

Натпреварувачите ќе се докажуваат во осум категории, а штипјани го имаат најдоброто од Македонија во моментов. Покрај тоа, засилени се со Марко Доциќ кој доаѓа од Србија.

Тренерот Ристе Грбев истакна дека екипата е добро подготвена, а првата сезона треба да биде повеќе од добредојдена за стекнување на неопходното искуство.

„Очекувам  добри борби. Оваа сезона во Штип ќе имаме одличен бокс, и ќе се трудиме да се претставиме во светло издание“, изјави Грбев.

Димитар Ташков, директорот на Пинк Пантер беше голем оптимист.
„Очекувам победа, но и добри борби. Оваа година во Штип ќе биде година на боксот. Верувам дека Пинк Пантер достојно ќе го претставува македонскиоот бокс во Регионалната лига“, додаде Ташков.
Организаторот комплетно ја преуреди салата за потребите на овој спорт, и изгради комплетно нов ринг кој е според сите стандарди. За да биде уживањето целосно, од управата на Пинк Пантер истакнаа дека влезот за сите љубители на боксот ќе биде бесплатен.

Средбата Пинк Пантер – Војводина-Спартак ќе се одржи во недела со почеток во 17 часот во Спортската сала „Јордан Мијалков“.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON