Петар Заборски (-75 кг) и Петар Спасеновски (-84 кг) ќе ја претставуваат Македонија на Карате 1 Премиер лигата во Казабланка, Мароко, од 31 мај до 2 јуни.
Каратистите на Макпетрол ќе се натпреваруваат со најдобрите каратисти во светот, 32-та најдоропласирани ВКФ ранг-листата, односно ќе настапат 381 натпреварувач од 60 држави.
На меѓународниот собир ќе се соочат Топ-32 најдобри индивидуалци од ранг-листата на Светската карате федерација (ВКФ). По турнирите во Париз, Анталија и Каиро, најквалитетните светски каратисти во Мароко ќе се борат за медал, но и за престижната титула „севкупен победник“ (Grand Winner) во своите категории.
Според описот од ВКФ, спортистите што прикажале исклучителни вештини и постојани резултати во текот на сезоната ќе бидат прогласени за „севкупни победници“. Освен на борби за златни, сребрени и бронзени одличја, Казабланка ќе биде домаќин и на специјална гала-церемонија во чест на сите Grand Winners. Освојувачите на овие титули во следната сезона од Премиер лигата на своите кимона ќе носат златен вез што ќе го симболизира нивниот успех.
Светската карате федерација објави и дека мечевите во живо ќе се пренесуваат и ќе можат да се следат на Јутјуб каналот на ВКФ.