Македонските карате репрезентативци се оптимисти пред Европското првенство за кадети, јуниори и јуниори У-21, кое ќе се одржи од 17 до 19 февруари во Софија, Бугарија. Петар Спасеновски и Моника Пенадроска очекуваат да ги повторат досегашните успеси и во У-21, како и европскиот шампион Вероника Костовска и Столе Смилковски и каташот Ферри Исиќ.
Петар Спасеновски од КК Металург вели: „Верувам во себе, во одлична форма сум, а тоа го покажавме на викенд-подготовките и на подготовките со матичните клубови. Верувам дека ќе се вратиме со медали. Храбро ќе ги браниме боите на Македонија“.
Столе Смилковски од Олимпик спорт на деншната прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт рече дека му е чест и задоволство ќе ги брани боите на Македонија, бидејќи добро се подоготвил во матичниот клуб и со репрезентацијата.
„Ќе се обидам да го подобрам минатогодишниот успех“, рече Смилковски кој е носител на бронзен медал од ЕП во Кипар.
„Чест ми е што сум дел од репрезентацијата која ќе настапи на ЕП во Софија. Се подготвував напорно, како со мојот клуб така и со репрезентацијата. Не ветувам медал, но ветувам дека ќе го дадам максимумот“, вели Вероника Костовска, европска кадетска првенка од Кеикс.
Исто така и Моника Пендароска (КК Макпетрол) ветува добар настап и во четвртиот настап, а досега секогаш била успешна.
„Ќе го дадам својот максимум. Имавме завршни подготовки со клубот и репрезентацијата. Два месеци напорно се подготвувавме“, нагласи Пендароска.
Боите на Македонија ќе ги бранат вкупно 35 каратисти во кадетска, јуниорска и конкуренција на јуниори до 21 година во дисциплините борби и кати, предводени од тренерите Александар Kузмановски (кадети и јуниори), Арлинд Хусеини (постари јуниори) и Стојан Андријевски (кати).
АМС за овој настап на ЕП во Софија издвои 300.000 денари, а за меѓународната програма и за стручната работа на КФМ , досега, само по првиот оглас од средствата од Игрите на среќа и редовните буџетски средства има издвоено вкупно 2.3 милиони денари.
„Карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава, а за тоа говорат и резултатите. Тоа е последица на добро организирана Федерација, функционални клубови кои регрутираат млади и талентирани спортисти, одлични тренери и селектори, а верувам дека дополнителен фактор за квалитет е и самиот факт што каратето беше прогласено за Олимписки спорт и ќе се најде на програмата за ЛОИ во Токио 2020 година“, рече директорот на АМС, Марјан Спасески.
Селекторот на кадетско- јуниорската борба, Александар Кузмановски, истакна дека поддршката на Агенцијата за млади и спорт, Олимпискиот коимитет, како и спортските медиуми ја зголемува одговорноста кај сите учесници на ова големо натпреварување, во насока на остварување на подобри спортски резултати.
„Ова натпреварување е од голема важност ако се земе фактот дека не очекува светското кадетско годинава, како и и Олимпијадата за млади во 2018 година. Очекувам три медали. Очекувам многу повеќе од оваа репрезентација, бидејќи тие се темелот на националната селекција. 16 репрезентативци имаа подготовки и во матичните клубови со репрезентацијата. Очекувам да дадат се од себе и да ја израдауваме македонската јавност“, изјави Кузмановски.
Тренерот Арлинд Хусеини истакна дека У- 21 минатата година ја завршија со еден медал, но оваа година со преминувањето на Моника Пендаровска и Петар Спасеновски во оваа категорија очекува зголемен број на одличја.
За подготвеноста и остварувањата кај натпреварувачите во кати зборуваше тренерот Стојан Андриевски. Според него, ако имаме достојно судење, тогаш ќе бидеме конкурентни за највисок пласман.
Дефинитвно беше потврдено дека сестрите Маријана и Мишела Димоски нема да учествуваат на ЕП. Да потсетиме дека тие заминаа во Автралија со своите родители.
Во кати за Македонија ќе настапат ката тимовите на Ронин – жени и Гладијатор – мажи, додека во кати во поединечна конкуренција ќе учествуваат Александар Неделковски (Металург) и Владанка Аврамова (Урбан инвест), Киријана Камческа (Ронин) и Ѕвонко Николовски (Урбан инвест) јуниори, како и Ферри Исиќ (Вардар) во У-21.
Ipon.mk/В.Д.