„Среќен сум за освоениот медал, покажав дека припаѓам во врвот на стариот континент“, вели освојувачот на бронзениот медал на Европското бокс првенство за млади во Софија, Бугарија, Петар Арсовски и додава:
„Во конкуренција на 21 боксер во мојата категорија завршив како третопласиран. Среќата е тука. Медалот е награда за целата наша држава и за сите кои дадоа придонес за овој резултат“.
За полуфиналето нашиот репрезентативец вели:
„Од она што го покажав во полуфиналето не сум задоволен, бидејќи можев и подобро, со оглед на тоа дека веќе еднаш сум го победил тој боксер.
Инаку, полуфиналето помина без потешкотии, како што кажав не примив чисти удари. Меѓутоа, ме надмудри технички, избегна директен машки дуел, и на крајот славеа како победници. Како што кажав претходно, грешките се воочливи, ги знаеме и ќе ги исчистиме. Ќе се вратам подобар, верувам во тоа“.
Петар истакнува дека противникот како домаќин воопшто немал предност, затоа што публиката публиката била поделена.
Сепак, Арсовски признава дека вчера победил подобриот.
„Морам да признаам дека подобриот победи, а тоа беше Љубо. Добро ме проучија. Подготвија тактика без борба да ме добијат..и успеаја. Честитки“.
Петар ги најави и плановите за следните борби.
„Како ЕП медалист ќе земам учество на СП оваа година во Аликанте-Шпанија. Меѓутоа, има многу време до ноември. Треба да се исчистат многу грешки од прикажаното. Знам што точно ми фали и периодов, откако ќе се одморам, ќе почнам со тренанжен процес, преку функционални вежби да ги исчистам грешките“.
За голем успех, според Арсовски, е потребно многу жртви, пот, крв.
„Таков е овој спорт, бара целосно посветување“!
Со освојувањето на бронзениот медал Петар Арсовски се запиша во историјата на македонскиот бокс и се нареди до имиња како што Примислав Димовски, Фатон Салиху, Дарко Чатлески, Денис Георгиевски и Ардијан Аземи.
Првиот медал на европските првенства за Македонија е освоен пред 27 години од Прислав Димовски на ЕП во Турција 1995 година за кадети, бронза. Во истата конкуренција на ЕП во Битола 1997 година освоивме три медала – 1 златен и 2 бронзени. Фатон Салиху го освои златниот, а Дарко Чателски и Денис Георгиевски бронзените. Во 2020 година Ардијан Аземи во Будва, Црна Гора, го освои бронзениот медал во јуниорска конкуренција, прв за Македонија кај јуниорите.
Вели Мумин бронзи за сениори на ЕП 2006 во Истанбул и 2008 година во Ливерпул.
Европско првенство за млади:
54 кг
Петар Арсовски – Матус Јаницек (Словачка) 3-2
Петар Арсовски – Ремус Велис Антонио (Грција) 5-0
Полуфинале
Петар Арсовски – Љубослав Методиев (Бугарија) 0-5
Фото: БФБ