Пелистерски јунак активен и успешен на меѓународен план, догодина ќе атакува на титулите во Првата и Младинската бокс лига

Боксерскиот клуб Пелистерски јунак во Првата бокс лига го освои третото место, а нивниот боксер Ален Рустемовски освои бронзен медал на Балканското првенство во Албена-Бугарија и учествуваше на ЕУБЦ купот во Будва, каде што беше оштетен во клучната борба. Боксерите на битолскиот клуб учествуваа и на турнирите на Опен Балкан, последниот се одржа во Куманово, но се дел и од Вардар во Регионалната бокс лига.

Сепак, за Пелистерски јунак нема застој ги очекуваат уште неколку меѓународни настапи.

„Ален Рустемовски само што се врати од ЕУБЦ купот во Будва, Црна Гора, продолжи на Меѓународниот турнир Златна ракавица кој ќе се одржи во Чачак, Србија. Ален на ЕУБЦ купот беше оштетен од страна на судиите, мечот беше за влез во полуфиналето. Но, што е тука е, одиме понатаму. Конкуренцијата на годинашнава Златна раквица во Чачак од 18 до 21 октомври е голема, бидејѓи учествуваат 24 држави, меѓу кои и двете најголеми боксерски велесили Куба и Русија. Ова е и последниот тест на Ален пред Европското првенство во У-22 што ќе се одржи во Будва од 10 до 21 ноември“, вели тренерот Јове Петровски – Оцо.

Петровски истакнува дека Ружди и Адријан Рустемовски ќе настапат на Балканското првенство во Рамницу Валкеа, Романија, од 18 до 28 октомври. Ружди Рустемовски ќе настапи во категоријата до 60 кг, а неговиот брат Адријан во категоријата до 54 кг во јуниорска конкуренција.

„На ова Балканско првенство очекувам голем успех од моите момчиња и покрај сите  услови во кои работиме и се наоѓаме“, вели Петровски и додава:

„Во Македонската бокс лига завршивме на третото место и покрај тоа што 3. кола воопшто не ги избоксиравме, бидејќи во тие моменти бевме на меѓународни турнири на кои ја претставуваме нашата држава Македонија. Наредната година ја напаѓаме и Првата лига и Младинската лига.

На добар пат сме и во новоформираната лига Опен Балкан куп да бидиме во големото финале, бидејќи имаме квалитет да се носиме со сите противници рамо до рамо, а тоа го имаме докажано повеќе пати“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО