Емил Павлов од КК Штип е најдобриот каратист во Македонија за 2014 година. Така одлучи Карате федерацијата на Македонија (КФМ), која вечрва на свеченоста во хотелот „Томче Софка“ и ги додели наградите на најдобрите во 2014 година.
Да потсетиме дека Павлов мината година стана европски шампион во категоријата до 60 килограми за сениори на Европското првенство во Финска. Покрај тоа, на Балканското првенство во Охрид беше прв, а и државен првак во истата категорија. На ранг листата на Карате 1 Премиер лигата за 2014 година се најде на седмото место со 710 поени, категорија во која што највисоко рангиран беше Лука Мареска од Италија со 1456 бодови.
Пуликсенија Јовановска од КК Ронин е најдобрата сениорка. Пуликсенија го освои бронзениот медал на ЕП во Португалија во У21, во состав на ката тимот со Маријана и Мишела Димоски освои бронзен медал од Карате 1 Светскиот куп, златен медал од Балканското првенство во Охрид, сребрен медал од Медитеранските игри во Бар, Црна Гора
За најдобар тренер е прогласен Сашко Арсовски од КК Штип, тренерот на Павлов. Исто така, КК Штип е прогласен за најдобар клуб во Македонија.
Најдобри каратисти во јуниори до 21 година се Берат Јакупи (КК Фати) и Пуликсенија Јовановска. Јакупи е европски шампион за јуниори до 21 година од ЕП во Лисабон, беше најдобар во Премиер лигата до 84 килограми и државен првак, освои сребрен медал на Медитеранските игри.
Мартин Стојменов од КК Партизан од Кочани е најдобриот млад каратист за 2014 година. Стојменов ова признание го заслужи со освојувањето на бронзениот медал на Европското првенство во Лисабон, Португалија, во јуниорска конкуренција. Додека кај жените ова признание го понесе Маријана Димовска од Ронин.
Најдобри кадети Роберто Ацковски (Металург) и Маријана Димоска (Ронин). Ацковски на Балканското првенство за деца во Истанбул го освои првото место, а на Балканското првенство во Софија во кадетска конкуренција го освои бронзениот медал и беше Државен првак во кадети до 63 кг. Маријана е носител на бронзениот медал од ЕП со ката тимот, сребрен медал од Медитеранските игри во Бар, бронза на Светскиот куп во Умаг, шампиони во јуниорска конкуренција на Балканското во Софија, сениорски прваци во Охрид на БП, трета на БП во Софија-јуниори и државен првак.ipon.mk/В.Д.