Остра реакција на Металург: Имаме претседателски Правилник – претседателот Драган Стојановски го контролира ИО на КФМ!

Карате клубот Металург остро реагира на текстот во Ipon.mk „КФМ не ги прифати барањата од КК Металург“, како одговор на одговорот на КФМ на барања на клубот за измени и доплнувања на Правилникот за избор финансирање и наградување државни репрезентативни селекции на Република Македонија.

„Спортската јавност би можела да добие погрешна слика за суштината на истите или тешко би можела да има јасна претстава за што се работи, бидејќи за споредба во текстот ги нема и самите барања“, се наведува во почетокот на реакцијата на стратегот на сите успеси на Металург и на поголемиот дел на македонската репрезентација Мирче Јанушевски.

Од КК Металург укажуваат дека не се работи за некои барања и потреби на клубот, туку дека барањата се во корист на сите клубови и се однесуваат за „Правилникот за избор финансирање и наградување државни репрезентативни селекции на Република Македонија“ (понатаму Правилник) кој е најбитен за клубовите и натпреварувачите бидејќи во него се утврдени условите и критериумите кои треба да ги исполнат натпреварувачите за да изборат место во своите категории во репрезентацијата на Македонија.

За последната усвоена верзија на Правилникот од ИО на КФМ на 17 јуни 2017 година, се истакнува дека е составена со едноставно уфрлување на претходни паушални решенија за избор на репрезентативци за различни категории и наградување тренери. Направена без елементарно усогласување меѓу поединечните решенија и е полна со дубиози и грешки кои го прават самиот Правилник неприменлив.

„КК Металург како одговорен член во КФМ, кој има свој придонес во подемот на карате спортот во Република Македонија со освојување 15 медали од официјални европски и светски карате првенства, чувствува обврска да укаже и побара да се  исправат грешките во Правилникот и тој да може да одговори на својата намена, затоа и ги поднесе барањата до претседателот и ИО на КФМ за измени, односно исправки.

За жал, сите барања и понудената аргументација од наша страна за истите беа отфрлени од страна ИО на КФМ. Притоа беше дадено тривијално, колку да се даде нешто, објаснување за одбивањата.

На прашањето како е можно сите барања да бидат одбиени кога точно се посочуваат грешките одговорот е едноставен. Претседателот Драган Стојановски во целост го контролира ИО на КФМ и ако тој лично смета дека од којабило причина, оправдана или неоправдана, барањата треба да се одбијат, без оглед на аргументите, ИО на КФМ без поговор го прави тоа.

Претседателот е единствен кој носи пари во КФМ (конкретните предлози во минатото од КК Металург, КК Макпетрол да се вклучат други луѓе во ИО на КФМ кои ќе донесат средства во висина од 50 – 60 илјади евра годишно беа одбиени) и за 10 години членување во ИО на КФМ ниеден негов член не донел ниту 1 денар во касата на КФМ а истите тие членови се главни и гарантирани корисници на патувања на сите балкански, медитерански, европски и светски карате првенства. Единствена должност им е да ги гласаат предлозите од претседателот, какви било да се тие, а со тоа да ја потврдат својата лојалност кон него.

Што е најтрагично никој и не бара од нив да обезбедат пари, бидејќи целиот товар со одлуки и правни акти кои ги донесуваат лично тие, како членови на ИО на КФМ за учество на државни првенства, критериумски турнири и првенства и изборување место во репрезентацијата е префрлен и паѓа на товар на клубовите и натпреварувачите, односно нивните родители“, вели Јанушевски и додава:

„Меѓутоа, тоа не завршува тука, па клубовите, односно родителите и понатаму го финансираат учеството на натпреварувачите во репрезентациите на КФМ на балкански, медитерански, европски и светски првенства за сите старосни категории (член 22 од Правилникот). Само во случај да се направи врвен спортски резултат се враќаат средствата за настап во репрезентацијата“.

Ако добро се расчлени Правилникот, посочува Јанушевски, ќе се дојде до многу интересен заклучок, дека премногу работи се недефинирани и непотребно зависат од одлуки на ИО на КФМ односно волјата на претседателот.

Притоа се наведуваат примери: претседателот да даде барање за антидопинг контрола; ИО на КФМ да реши дали ќе има награди (на Петар Заборски освојувач на единствен медал од последното Европско првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година одржано во Софија на 05-07.02.2017 година, ниту му е дадена награда ниту го прими претседателот на КФМ). За да заклучи дека се се сведува на волунтаризам. Ако сака да се даде награда ќе се даде, ако не, не за којбило постигнат резултат.

„Дека претседателот не сака во Правилникот нештата да бидат дефинирани и лично тој да не може да одлучува за се и сешто зборува и тоа што во првата верзија од Правилникот донесена на 22.01.2011 година имаше табела за наградување која беше избришана од Правилникот после една година на 09.02.2012 година. Кукавички, позади грб на репрезентативците, еден ден по нивното заминувањето на Европското карате првенство за кадети, јуниори и јуниори до 21 година, кое се одржа во Баку од 10-12.02.2012 година. И, нормално, кога се вратија натпреварувачите и нивните тренери не добија награди, иако беа освоени 2 бронзи и едно сребро.

Истото се повтори со измената направена на 01.02.2016 година, кога во Правилникот на предлог на претседателот со притисок и поддршка од тренерите со одлука на ИО на КФМ се внесе став дека, кога се дава награда на репрезентативец за постигнати резултати, во тој случај се наградуваат и тренерите со сооднос 80 отсто за тренерот на натпреварувачот и 20 за тренерот на државната репрезентација (овие средства ги обезбедува Агенцијата за млади и спорт – АМС, не се на товар на КФМ). Меѓутоа, на 17.06.2017 година со одлука на ИО на КФМ истиот став, без знаење на тренерите, е избришан. За жал, и додека постоеше овој став во Правилникот, ни еднаш не се спроведе, за што одговорноста паѓа директно на претседателот, како одговорно лице во КФМ задолжено да ги почитува и спроведува актите на КФМ“, вели Мирче.

„Заклучокот е дека практично имаме претседателски Правилник! Работите наместо по нормален пат, непотребно ќе ги решаваме со претседателски одлуки спроведени преку ИО на КФМ. Тоа е анахроно во денешно време, а мислењата на стручните лица, како во случајот погоре, ќе служат само како параван за демократија пред јавноста. Така, еднаш ќе се почитуваат и ќе се повикува на нив кога ги одбива барањата, друг пат нема да се почитуваат, исто за одбивање на барањата, зависно од ставот  на претседателот“, истакнува Јанушевски.

На карјот се невдува дека карате спортот од минатата година е член во семејството олимписки спортови и дека КФМ е исправена пред сериозни и огромни предизвици да ги оправда очекувањата од спортската јавност во Македонија за обезбедување настап и постигнување врвен спортски резултат на идните Олимписки игрии.

„Вакви недоречености во правните акти на КФМ и аматерско волунтаристичко однесување и управување со КФМ, најблаго речено се недопуштени“, констатира Јанушевски.

Ipon.mk/В.Д.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО