Оливер Станков е од помладата генерација боксерски тренери кој се реализира во БК Аперкат од Скопје, од чии редови е во моментов најдобриот македонски боксер Гоце Јанески кој минатата година го освои Златниот гонг, а годинава имаше одличен настап во Регионалната лига.
Станков ја почнува боксерската кариера во БК Скопје кај тренерот Живко Дуковски, како и тренерите Мирослав Петровиќ и Мирко Ристесвки – Мице со кого заедно го водат Аперкат. Има околу 50 борби во јуниорската екипа на Скопје и во тоа време е повеќекратен Републички првак. Во 1988 година го освојува Купот „25 Мај“ во организација на БК Вардар, а учествува и на две државни првенства на СФРЈ.
Сепак, за брзо време се одлучува за тренерскиот повик.
„Уште од детството го прифаќав предизвикот, а и го поскував тренерскиот повик за да направиме некој голем резултат. Како тренер почнав во БК Аперкат и сум еден од основачите на клубот“, објаснува Станков како го почнал тренерскиот повик.
Што ве натера да формирате клуб и да се зафатите со тренерската работа?
-Тоа е љубовта кон овој спорт, на кого се посветив уште во младоста, а не можев да постигнам резултати поради распадот на Југославија и престанокот на постоењето на лигите. Многу таленти застанаа.
Аперкат е млад клуб, а сепак во последно време бележи успеси. На што се должи тоа?
-Ги составивме искуството и мадоста. Искуството на Мице и мојата младост. Тоа придонесе за сегашните резултати. И, не мислиме да застанеме тука.
Во која насока се движи клубот?
-Покрај резултатите на домашната сцена, сакаме да имам добри постигнувања и на ринговите надвор од нашата земја. Целта не е нескромна, сакаме да постигнеме резултат и на Светско и на Европско првенство, односно да освиме медал.
Кои предуслови треба да бидат исполнети за да се освои медал на големите меѓународни приредби?
-Многу работа од првиот до последниот ден. На тренинг се стекнуваат медалите, а на натпревар одиш да ги земеш. Се стекнав со АИБА лиценца со две ѕвездички со неколку други тренери од Македонија.
За жал, на штотуку завршеното Европското првенство во Харков-Украина, немавме наш боксер. Сепак, со внимание го следев. Од друга страна, ги следам и модерните бокс трендови, а потоа тоа го спроведуваме на тренинг.
Како до квалитетен тренерски кадар кој ќе има резултати?
-Македонија може да го искористи стариот кадар доколку се вложува, а тие што работат во клубовите, со педагошка работа ќе стигнат до посакуваните резултати. Треба повеќе да работат на психологијата, стручноста и искуството. Ние го спроведуваме тоа во клубот колку ни го дозволуваат реалните можности. Тренерскиот занает, освен во Македонија, малку го усвовршував и во Русија. Не сме многуи далеку од светските школи. Битни се дисциплината и редовноста, со многу настапи на турнири ќе дојдат и резултатите.
Вие сте член на Управниот одбор на БФМ. Што се презема во насока на подобрување на тренерскиот кадар и на резултатите?
-На тој план УО стапи во контакт со лице од АИБА за да одржиме семинар во Македонија. Ако нема конкуренција нема да може да очекуваме добри резултати. На следниот УО имам идеа да предложам на Државното првенство (1и 2 јули) во Радовиш да се селектираат најдобрите младинци од 17 до 20 години и да се направат подготовки со нив и кои ќе се истакнат да се издвојат и да се вложи во нив. Да направиме репрезентација, за да се постигнат соодветни резултати.
Кога ќе може да ги очекуваме првите резултати?
-Ако две години константно имаме бокс, без застој, и учестуваме на многу турнири, најевројатно ќе се придвижиме кон врвот на боксот. Следејќи ја Регионалната бокс лига, со клубови од Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, само Хравтите се издвојуваат, можеби не толку многу, останатите со приближен квалитет. Резултатот на нашиот боксер Гоце Јанески, кој настапува за Пинк Пантер од Штип, е пет победи и еден пораз.
Кои се адутите на Аперкат на боксерската сцена?
-Гоце Јанески кој се истакнува, Јасин Мифтар на кого ова ќе му биде прва сезона во сениорска конкуренција, потоа Кире Јаневски и Димитар Атанасов. Има уште неколку боксери кои сега влегуваат во рингот и стекнуваат искуство.
Наскоро треба да стартува Боксерската лига на Македонија. Какви се очекувањата од Лигата?
-Ако континуирано имаме бокс, ќе имаме квалитет. Така ќе се издвојат квалитетните боксери кои понатаму ќе ја презентираат државата. Без тоа, тешко ќе постигнуваме победи.
Ipon.mk/В.Д.