Еден од најголемите спортисти на сите времиња на Македонија, златниот олимпиец Шабан Трстена е хоспитализиран поради позитивен тест на Ковид-19.
Денеска се слушнавме и не информира дека по четири тешки денови во битката со коронавирусот, е хоспитализиран по што веќе денеска се чувствува далеку подобро, нагласувајќи дека ќе ја добие и оваа битка. Македонската спортска легенда се заблагодарува на целокупната поддршка која деновиве ја добива од разни страни.
„Ве поздравувам од болница, мои почитувани добри луѓе. Дозволете ми од мое име да им се заблагодарам на сите што ме контактираа преку телефон од целиот свет, од нашите соседи од Балканскиот полуостров, од Европа и Америка, сè до моето родно место Македонија. Навистина од срце, ви благодарам на сите и горд сум што ве имам како пријатели. Браво што се јавувате само да прашете за моето здравје и состојба како сум, за вашите коментари со поддршка и ви благодарам многу на сите за молитвите што ги упативте за моето здравје. Тоа покажува дека и во тешки случаи останувате близу мене. Но, навистина не можејќи да ви одговорам на сите еден по еден, дозволете ми преку овој пост да ве поздравам со почит и искрено до сите што ме респектиравте како личност и како спортист. Овие четири дена бев во многу тешка состојба со мојето здравје, и од оваа ситуација во моментов сум под режим и покровителство на херојски лекари, кои се 24 часа подготвени да помогнат. Благодарение на лекарите и секако благодарение и на Бога, од денес се чувствувам подобро и малку поудобно. Јас со мојот борбен дух се борам да го надминам овој предизвик и сум оптимист и се надевам, во име и на Бога ќе успееме и во оваа борба и ќе го победам. Мои пријатели, браќа и сестри, спортисти, уметници, професори, писатели, новинари, глумци. Нема што повеќе да кажам само да бидете внимателни, следете ги правилата и водете сметка за вашата хигиена бидејќи Ковид-19 не знае кој сте вие, не простува и нема милост. Да живеете и Бог да ве чува од оваа болест“, вели Трстена во своето обраќање.