Од ВБЦ порачаа: Сакаме да има најмалку пет или шест судии на мечот меѓу Фјури и Усик

Мечот за обединување во тешка категорија меѓу Тајсон Фјури и Aлександар Усик е одложен за 18 мај, откако шампионот на ВБЦ се здоби со расекотина над окото додека спарингуваше со Смакиќи.

Од тимот на Усик соопштија дека украинскиот тешкаш ги продолжува подготовките, а по се изгледа Фјури наскоро ќе се врати во сала, ова го потврди претседателот на ВБЦ, Маурицио Сулејман.

„Неодамна разговарав со Фјури, тој е добро и е подготвен да ги продолжи подготовките. Сите со нетрпение го очекуваме настанот на 18 мај, тоа ќе биде најголемиот настан во историјата на боксот“, изјави Маурицио Сулејман и додаде:

„ Многу глави се вжештени за тој меч. Разбирливо, многу работи се во игра, ваква борба немало во последните 25 години. Тој дуел се обидуваше да се организира последните пет години, а потоа се случува несреќа и еден паѓа. Но, се ќе биде добро“.

Борбите за светски првак обично ги бодуваат тројца судии покрај рингот. Првиот човек на ВБЦ смета дека мечот за обединување на појасите на шампионот во тешка категорија е толку важен за боксот, па затоа предлага повеќе судии.

Сулејман за Скај спорт откри дека сака најмалку пет-шест судии за мечот меѓу Фјури и Усик.

„Тоа е мојата препорака“, рече Маурицио Сулејман и подвлече:

„Боксот е спорт во кој е многу тешко се доаѓа до промени. Ние сме пуристи и се држиме до традицијата, не сакаме промени. Ќе продолжам да го предлагам тоа. На некои им се допаѓа идејата, па нека одлучат. Ќе видиме“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON