Од тешкиот живот во фавелите на Бразил до врвот на Олимпискиот подиум. Рафела-Рафа Силва го освои првиот златен медал за Бразил од игрите во Рио де Жанеиро.
24-годишна натпреварувачка во џудо голем дел од животот поминала растејќи секојдневно во нееднаквост, беззаконие, сиромаштија и расизам во еден од најопасните квартови во целиот свет наречен „Град на Бога“. Месноста добива на слава благодарение на шокантиот игран филм од 2002 година – „City of God“.
Како дете често била вовлекувана во конфликти и кавги, водејќи ја до тепачки со врсниците кои понекогаш биле момчиња. Родителите на Рафа се надевале дека ќе ја заштитат од дрога и неконтролираниот криминален начин на живот во „Градот на Бога“. За жал, самите сфаќаат дека нема да успеат и дека ќе имаат потреба од помош во одгледувањето и воспитувањето на малата Рафаела. На пет-годишна возраст, тие ја запишуваат на тренинзи по џудо во школата наречена Instituto Reação.
Невладината организација е основана од Флавио Канто – носител на бронзен медал во џудо од Олимписките игри во Атина и почитуван црн појас во бразилско џиу џицу. Олимпиец во џудо ги подига стандардите во боречки вештини, а добива популарност преку феноменалната игра на земја и покажува неверојатни вештини на земја. Канто ја напушта бразилската репрезентација и својата успешна кариера како спортист, за да ја развие идеја во која верува дека е многу голема и благородна од амбициите за златен медал.
Instituto Reação си поставил за цел да и даде алтернатива на децата во ќор-сокак и да им обезбеди шанса за развој преку спортски активности и пристап до образованието.
Ги користат џудото и џиу џицата како образовни алатки со кои ја моделираат социјалната средина и обучуваат црни појаси не само на душек, но и надвор од него. Во моментов организацијата работи со над 1.250 деца во пет области на Рио де Жанеиро.
Еден од лидерите на Instituto Reação и одговорен за џудо програмата е Едуардо Енрике – „Дуда“, 4-ти дан црн појас во бразилско џиу џицу под легендарниот Рикардо де ла Рива и 5-ти дан црн појас во џудо.
Силните корени на боречките вештини во Бразил и многуте слични техники меѓу бразилската џиу џица и џудото и даваа надеж на навивачите на оваа јужноамериканска земја за повеќе од добро претставување на нивните натпреварувачи. Рафа Силва беше во топ форма за овие Олимписки игри, а на еден од дуелите и беа потребни само 46 секунди за да забележи победа за својата земја.
„Сите тука ја знаат историјата на Рафа“, раскажува фан на репрезентативците во џудо на Бразил, додека ја гледал финалната пресметка на женската дивизија до 57кг. „Ова е многу повеќе од еден медал. Ова е победа за сиромашните луѓе во нашата земја. Тоа е надеж за сите нив“, завршува емоционално тој.
„Многу се гордееме со неа, бидејќи таа е човек кој тргна од истото место, во кое се наоѓаме ние“, раскажува Адриеле, ученичка во Instituto Reação, ѕвезда на џудото која доаѓа. „Гледајќи ја и си велиш … Вау! И јас можам да го направам тоа! Нејзиното претставување на Олимпијадата значеше толку многу за мене“.
Силва имала семинар со Ронда Русеј во школата на Instituto Reação
Рафа Силва е и првата жена од Бразил која стана светски шампион во овој боречки спорт. Кога го освои првото место во категоријата до 57 килограми на Олимписките игри во понеделникот, публиката го извикуваше нејзиното име и високо го развеаја знамето на Бразил.
По дисквалификацијата поради недозволен зафат за време на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, Рафаела добива закани и тешки навреди на социјалните медиуми, кои ја водат во тешка депресија и речиси ја тераат да се откаже од џудото.
„Местото на еден мајмун е во кафезот. Ти не си олимпиец“, ова е само една од ужасните навреди кон, тогаш, 20-годишната девојка.
Нејзината психичка стабилност, нејзиниот сон да биде на врвот и нејзиниот тренер – Џералд Бернардес, се причината четири години подоцна Рафа Силва да добие статус херој на бразилски спорт.
Рафаела смета дека првото место на Олимпијадата е нејзина одмазда против сите кои ја навредувале претходно.
„Џудото бара многу саможртвување, но во едно сиромашно општество, луѓето се навикнати на саможртвување. Тие го гледаат целото насилство околу нив, може да немаат доволно храна и облека. Видов во неа, уште кога беше мала, дека таа беше агресивна. И поради местото од каде доаѓа, таа сакаше нешто подобро за себе“, истакна тренерот на златното девојче од Рио.