Борачот Могамед Ибрагимов, единствениот наш носител на медал од олимпијадите во независна Македонија, заедно со македонската спортска легенда Насе Насев денеска беа примени од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.
На средбата со Ибрагимов, кој на ЛОИ во 2000 година го освои третото место во борење во слободен стил во категорија до 85 килограми, и со Насе Насев, долгогодишен селектор на македонската репрезентација во борење – слободен стил, долгогодишен инструктор на ФИЛА и директор на голем број на светски семинари, беа разглеани варијантите за нови промоции на боречкиот спорт во Македонија.
На средбата беше разговарано и за развојот на македонското борење и насоките по кои треба да се движи во иднина. Истовремено, соговорниците констатираа дека Македонија претставува уникатен пример за расадник за млади борачи и дека таа ситуација мора да биде искористена за борењето да се врати на старите патеки.
Двајцата великани на македонското борење се одликувани од Р. Македонија за своите резултати. Ибрагимов е носител на највисокото спортско признание, популарно наречено „Спортска пензија“, додека пак Насев е првиот спортски работник кој ја доби државната награда за животно дело во областа на спортот “8-ми Септември”, откако истата беше востановена во 2012 година.