Френсис Нгану (15-3, 10-2 УФЦ) за 20 секунди го нокаутира Жаирзињо Розенструик (10-1, 4-1 УФЦ) во Џексонвил и стигна до четврта последователна победа со нокаут во првата рунда.
Претходно непоразениот суринамски кикбоксер во дуелот со „Предатор“ дојде откако ги нокаутира големите Алистер Оверем и Андреј Арловски.
Нагану со ова се потврди како најверојатен предизвикувач за титулата во тешка категорија, откако Стипе Миочиќ и Даниел Кормиер ќе ја одработат нивната трета борба.
33-годишниот француско-камерунски тешкаш знае дека тоа значи оти може да чека уште една година, сè додека не добие втора шанса да го нападне појасот. Во првата борба за титулата на УФЦ во јануари 2018 година загуби од Миочиќ со едногласна одлука по пет рунди.
„Се забавував. Не бркав нокаут. Кога го форсирам нокаут тоа не оди, па затоа престанав да го бркам нокаутот. Кога ме предизвика, мислев: Овој човек не знае што прави. Само што дојде и имаше неколку нокаути, но не видов ништо импресивно. Но, не ми пречи кога луѓето ќе ме предизвикаат“, рече по УФЦ 249.
Нгану ја започна УФЦ кариерата со шест последователни победи пред да дојде борбата со Миочиќ и потоа разочарувачки настап против Дерик Луис. Во една од најтешките борби во историјата на УФЦ, Американецот го победи со одлука на судиите.
Потоа ги згази Куртис Блејдс, Каин Веласкез, Жуниор дош Сантос и сега Розенструик.
„Не знам што уште би требало да направам да добијам борба за титулата на УФЦ. Искрено, се помирив со тоа. Не е дека не ми е гајле, туку едноставно не сакам да се чувствувам како нешто да ме контролира. Со или без борба за титула јас и понатаму сум борец и сè уште може да се докажувам“.
„Искрено, не знам што следи. Мислам дека разговорот со УФЦ ќе го препуштам на мојот менаџер. Ќе видиме како ќе помине тоа и што ќе речат тие. Многу е збунувачко, затоа што знаеме дека Стипе во наредниот меч се бори со ДК“.
„Прашањето е: кога ќе се борат? Сега сме на почетокот на мај. Ние не знаеме кога. Морам да ја чекам таа борба и да се надевам дека победникот нема да се повреди. Тогаш ќе треба да се одморат и да се вратат, по два-три месеца и дури тогаш ќе почнат со тренинг камп“.
„Ќе морам да чекам помеѓу 9 месеци и една година. Тоа е нешто што воопшто не го сакам. Не сакам повторно да бидам во таква ситуација“.