„Предатор“ пред девет години имаше егзибициски боксерски меч со Карлос Такам.
Иако ја изгради својата кариера како ММА борец и еден од најдоминантните шампиони на УФЦ во тешка категорија, Френсис Нгану овие денови речиси исклучиво се споменува во боксерскиот контекст. „Предаторот“ го потресе светот на боксот со својот настап против Тајсон Фјури, а сега му претстои пресметка со Ентони Џошуа, но интересно е што и покрај тоа што дебитираше во професионалниот бокс со „Џипси Кинг“ – тоа не беше прво влегување во рингот за камерунскиот нокаутер.
Имено, Нгану во 2015 година се бореше со сонародникот Карлос Такам на егзибициски меч одржан во Франција. Беше непосредно пред да потпише за УФЦ во декември истата година, кога, како борец целосно непознат за пошироката јавност, имаше ММА скор од 6-0 во својата боречка биографија.
Такам, пак, во тоа време веќе беше прилично етаблирано боксерско име, со 35 професионални мечеви зад себе, во кои забележа 33 победи, едно реми и еден пораз – против Александар Поветкин. Егзибицискиот меч меѓу Нгану и Такам заврши, како и обично кога има натпревари од егзибициски карактер – со нерешен резултат, но се чини дека двајцата сонародници не се штедеа во рингот во 2015 година.
„Такам и јас одржавме егзибициски боксерски меч во Франција и се истепавме. Поминавме долг пат, брат мој“, напиша Френсис во објавата на социјалните мрежи потсетувајќи се на таа одамнешна пресметка.
View this post on Instagram
Такам и Нгану работат заедно од април 2014 година, кога Френсис се приклучи на салата во која тренираше неговиот сонародник. Можеме да кажеме дека првите сериозни боксерски чекори ги направи со Такам, па не е чудно што во него најде спаринг партнер пред мечот со Фјури.