Наум Јаковлев од Карате клуб „Фудошин“ – Охрид е прогласен за „Спортист на годината“ на Охрид за 2022 година. Тој на 21. Светско првенство во традиционално карате во Скопје го освои бронзениот медал. Во 2021 година го освојува 4 место на Државното првенство-кумите, во 2022 година го освојува повторно 4 место, додека во 2018 г. и 2019 г. го освојува 5 место. Започнува да тренира карате во 2017 година.
Наградата за охридска спортска легенда – за посебни заслуги во спортот (постхумно) и беше доделена на Јулијана Николиќ (веслање). Николиќ остави неизбришлива трага во веслачкиот спорт во Охрид, Македонија и поранешната заедничка држава. Со веслање почнала да се занимава во 1974 година, кога станува Републички шампион.
Наградата за спортска приказна на годината беше доделена на ГКК „Охрид“ – Охрид. Клубот е формиран како Здружение на граѓани од неколкумина ентузијасти и вљубеници во кошарката во Oхрид.
Наградата за спортска надеж во машка и женска конкуренција им припадна на Давид Крстески и Христијана Парулеска од Таеквондо клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец – Охрид, кои на Европското превенство минатата година во Пореч, Хрватска, станаа европски вицешампиони и направија историски успех освојувајќи три медали на едно ЕП.
Во 2022 година клубот учествуваше на 8 меѓународни натпревари освојувајќи 47 златни медали, 46 сребрени, 70 бронзени и 9 пехари.
Наградата за спортска екипа на годината му беше доделена на Таеквондо клубот „Хва ранг ИТФ“, а за тренер на годината е прогласен Марјанчо Лазаревски од истиот клуб.
Наградата спортист од друго населено место или странец кој настапува во екипа од Охрид беше доделена на Владимир Бојаниќ од Градски ракометен клуб „Охрид“ – Охрид.
Спортист/ка од Охрид кој настапуваат надвор од територијата на Општина Охрид беше доделена на Михаил Иваноски од Ракометен клуб „Алкалоид“ – Скопје.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека спортските успеси не се само гордост на спортистите, тие се гордост и на верната публика и на сите.
„Со тоа што ги вреднуваме вашите успеси ние како локална самоуправа сакаме да ја потврдиме нашата црвста определба во создавањето на уште подобри услови за развој на сите спортски дисциплини во иднина. За тековната 2023 во општинскиот буџет се издвоени 35 милиони 940 илјади денари за поддршка на спортистите, спортските клубови и спортските манифестации. Почитувани спортисти, вие сте најавтентичните амбасадори на Охрид и затоа упатувам најискрени честитки до вас, вашите клубови, тренери и семејства. Се надевам дека оваа манифестацијата ќе стане дел од една нова спортска традиција бидејќи Охрид заслужува да има врвен спорт и да остави силен печат во спортската историја“, истакна Пецаков.
Фото: Општина Охрид