Меѓународната џудо федерација (IJF/ИЏФ) ќе и додели проект на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) насловен како „Џудо во училиштата во Македонија“ што подразбира донација од 10 борилишта (татами), 500 џудо-ги (кимона за џудо) и паричен надомест за 10 тренери во период од една година. Ова е договорено на средбата меѓу претседателот на ЏФМ, Филип Иванов и Мариус Визер, претседателот на ИЏФ.
Средбата се одржа на 25 февруари, за време на Гранд слем турнирот во Диселдорф, Германија. Иванов и Визер размениле мислења и идеи за развој на џудо спортот во Македонија.
Иванов го информирал Визер за актуелните состојби во џудо спортот во Македонија, за плановите за работа на новото раководство на ЏФМ, како и за првичните чекори што се преземени по изборот. Посебен акцент е даден на зголемување на транспарентноста во работењето на Федерацијата, отворањето на новата веб страница на ЏФМ www.judo.org.mk и плановите за што поширока медиумска покриеност. Станало збор и за изработката на стратегија за комуникација со јавноста, планови за обуки на кадри, вклучување на спонзори и искористување на законските олеснувања при искористување на данокот од добивка за финансирање во спортот, отпочнување со работа на комисиите во рамките на ЏФМ, како и за отпочнување на подготовка на предлози за проекти поддржани од национални и меѓународни институции, чија имплементација ќе значи импулс во развојот на џудо спортот во Македонија.
Иванов ја истакнал одличната соработка со Македонскиот олимписки комитет (МОК) и дал посебен акцент на финансиската и логистичката поддршка што оваа организација ја дава за развој на џудото во земјава, вклучувајќи ја и поддршката на потенцијалните кандидати за настап на Олимписките игри со финансиски средства, стручна помош, медицинска нега и се останато во насока на постигнување на врвни резултати.
Иванов ја искористил оваа прилика да се заблагодари на ИЏФ и претседателот Визер за несебичната поддршка што ја даваат за развојот на џудото во Македонија. Тој истакнал дека бројните донации на опрема, како и стручната поддршка, значително придонеле за извонредните резултати на нашите џудисти што ги постигнуваат во последно време. Резултати особено доаѓаат до израз по номинацијата и отпочнувањето со работа на Грабриел Сапта, инструктор на ИЏФ кој веќе втора година работи со врвните македонски џудисти и тренери. На работната средба е изразена надеж дека оваа соработка ќе продолжи и дополнително ќе се интензивира, како и дека истата ќе овозможи постигнување на врвни резултати на меѓународните натпревари што следуваат.
Од своја страна пак, Визер го искажал своето задоволство од ваквиот напредок, ја истакнал поддршката на новото раководство на ЏФМ и рекол дека ИЏФ ќе и го додели проектот „Џудо во училиштата во Македонија“, што подразбира донација од ИЏФ до ЏФМ од 10 борилишта (татами), 500 џудо-ги (кимона за џудо) и паричен надомест за 10 тренери во период од една година. За таа цел, од страна на ИЏФ до ЏФМ е доставен меморандум за соработка кој ќе треба да го потпишат ИЏФ, ЏФМ, МОК и Министерство за образование и наука (МОН).
Овој проект ќе преставува силен импулс во развојот на џудото во Македонија затоа што ќе овозможи негова дисперзија низ целата земја, вклучување на 500 деца во тренажен процес без никаков надомест и подготовка на 10 тренери кои воедно ќе имаат шанса да ги користат искуствата и знаењето на локални и меѓународни обучувачи од оваа област.
Исто така, Визер препорачал дека Македонската џудо федерација треба да стави посебен акцент на соработка со соседните џудо федерации од аспект на обезбедување на заеднички тренинг и спаринг на македонските џудисти со џудисти од соседството и дека Македонија треба да направи напор да организира поголем меѓународен натпревар со што би се влијаело за зголемување на популарноста на овој спорт во земјава и дека ИЏФ е подготвена да даде поддршка на ЏФМ во таа насока.